Не стивнуваат пожарите низ Грција

Пожарите во Грција се разгоруваат. Покрај пламените јазици во Атина и во Лакониа на Пелопонез, нови жаришта се поjавија и на Евиа и во областа Малакаса надвор од Атина. Постојат информации за една жртва на Пелопонез, а според информациите, лицето починало од срцев удар.

Дел од селата во близина на Неаполи, Лакониа на Пелопонез се евакуираат и луѓето се пренесуваат на безбедно за да се избегнат човечки жртви.

Досега од пожарот на планината Имитос во Атина се изгорени огромни шумски површини, а изгореа и една куќа и таверна, но нема жртви. Силните ветрови продолжуваат да ја отежнуваат ситуацијата, пожарите се шират во близна на сè повеќе густо населени населби во јужните предградија.

Активирани се противпожарните сили од целата држава и голем број волонтери кои се обидуваат да ги локализираат, и од земја и од воздух, со авиони и со хеликоптери.

Премиерот Алексис Ципрас, чии планови за реконструкција паднаа во втор план поради алармантната ситуација со пожарите, ги посети министерството за одбрана и центарот за кризи и цивилна заштита.

Ципрас најави дека сите сили се вклучени во обидот да се стават под контрола пожарите и истакна дека доколку има потреба, ќе се побара помош и од соседните држави. Побара од сите да останат смирени и да им помогнат колку можат на противпожарните сили да ја вршат нивната работа непречено.

Најголемиот непријател во овој момент сè уште се силните ветрови, поради кои жариштата постојано се разгоруваат и се прошируваат.