Младата пејачка Дина Јашари со деби албум насловен како „Дома“

Фото: Инстаграм, Дина Јашари

Едно од најинтересните музички изданија оваа недела е дебитантското проширено издание на младата пејачка Дина Јашари. Изданието е насловено „Дома“ и од 20 септември е достапно за преслушување на YouTube.

Специфичниот вокал и стил на пеење на Дина лесно се препознава во песните. Покрај вокалите, таа е автор и на музиката и продуцент на албумот. Пејачката редовно соработува со Драги Иванов, а така е и на ова издание. Иванов е тонски снимател, а воедно и одговорен за аудио миксот и мастерингот на изданието.

„Дома“ има пет песни: „Интро“, „Гости“, „Дома“, „Нешто друго“ и „Тоа“. Пејачката не крие дека ја инспирираат и пишува за настани од животот и луѓето околу неа. Иако оваа изјава на прекрасната Јашари не се однесува на песните од „Дома“, речиси во целост може да ја препознаете и во музиката и текстовите од ова издание.

Мојот сензибилитет е пресликан во музиката што ја правам. Мека, смирена, многу искрена и понекогаш меланхолична. Многу сакам да си играм со зборови и вокали, тие два елементи се во преден план на мојата музика. Стилски припаѓа во поп, поточно alternative & dream pop. Пишувам за лични настани, моменти од животот што сакам да ги раскажам преку песна, ме инспирираат околностите што ги носи животот и луѓето околу мене. Многу ми е мило кога луѓе се пронаоѓаат во мојата музика, тоа ме мотивира да продолжам да творам и да бидам искрена

Иако млада, Дина може да се пофали со куп квалитетни песни. „Зборови“, „Бои“, „Копнежи“ се првите песни со кои најголем дел од љубителите на домашната музика ја „запозна“, а во иднина се надеваме на многу повеќе музика од Дина. Таа со песната „Бои“ е актуелна и како еден од финалистите за наградата Милан Младеновиќ за 2021 година.