Тројца полуфиналисти од земјава се натпреваруваат за музичката награда „Милан Младеновиќ“

Фото: Фејсбук профил Задужбина Милана Младеновиќа

Дина Јашари, Фанк Шуи feat. Вера Љубојна и ПМЏ Колектив се тројцата полуфиналисти од земјава кои влегоа во потесниот круг на 47 музичари и бендови кои се натпреваруваат за овогодинешната престижна музичка награда „Милан Младеновиќ“. Организаторите на наградата, „Задужбина Милана Младеновиќа“ информираат дека од републиките на поранешна Југославија на објавениот конкурс пристигнале 197 песни, од кои биле избрани полуфиналистите.

„Дванаесетте финалисти ќе ги објавиме најдоцна до 20 август“, информираат организаторите.

Дина Јашари за освојување на регионалната музичка награда се натпреварува со песната „BOI“, Фанк Шуш feat. Вера Љубојна со песната „NE VREME“, додека ПМЏ Колектив влегоа во полуфиналето со песната „VODA“.

За победничката песна што ќе ја освои регионалната награда одлучува жири во состав Дамир Урбан (Хрватска), Кирил Џајковски (Северна Македонија), Иван Феце Фирчи (Србија), Катарина Епштајн (Србија) и Зоран Стајчиќ (Хрватска).

Регионалното жири ќе ги одбере 12-те финалисти, чии песни ќе бидат објавени на промотивна компилација во продукција на „Задужбина Милана Младеновиќа“, а добитниците на овогодинешното признание ќе бидат наградени и парично со 2.000 евра.

Инаку, регионалната музичка награда е востановена во чест на познатиот југословенски пејач, текстописач, композитор и гитарист Милан Младеновиќ, кој со своето творештво во рамките на групите Лимуново дрво, Шарло Акробата, Катарина II, Екатерина Велика и Angel’s Breath остави траен музички белег на југословенските простори во текот на 70-тите, 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век.

Наградата „Милан Младеновиќ“ е востановена со цел да се поддржи музичкото творештво кое го одликуваат вредности својствени на уметничкото наследство создадено од овој голем музичар.