Хрватскиот бенд Свемирко и Дина Јашари со концерти во рамки на јубилејниот Синедејс

Хрватскиот поп-бенд Свемирко и нашата Дина Јашари со бендот ќе настапат на јубилејното 20-то издание на филмскиот фестивал Синедејс. На Синемјузик, на 16 јули, со почеток од 23 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ) свој концерт ќе  одржи Дина Јашари со бендот.

„Дина Јашари е дефинитивно најголемото освежување на новата македонска музичка сцена. Со извонреден пристап кон пишувањето песни, прекрасните сонливи аранжмани, емотивни лирики, современа, модерна и свежа продукција и секако, хипнотизирачките настапи во живо, со полно право ја ставаат Дина на пиедесталот на новата локална музичка сцена. Штотуку го промовираше новиот сингл за песната „Копнежи“, а наскоро најавува и свое прво EP издание“, наведуваат од Синедејс.

Еден ден подоцна, на 17 јули во МКЦ од 23 часот ќе настапи и хрватскиот бенд Свемирко.

„Од своите почетоци и за само четири години, Свемирко лесно стана најбараната концертна сензација во областа населена со јужни Словени, додека клучната личност, главниот и креативен ум на групата, Марко Вуковиќ, не престанува да го испорачува ветеното и неочекуваното. Новиот, трет по ред студиски албум на Свемирко „Скаламерија“ е последниот дел од трилогијата „-ија“. Поразличен, повешт и попрогресивен во споредба со претходните албуми „Тунгузија“ и „Ванилија“, пред сè е достоен крај, ако не и најочекуваниот дел од оваа трилогија со епски размери“, велат од Синедејс.

Билети за претстојните музички концерти на Синедејс ќе можат да се набават од 9 јули на билетарницата во МКЦ и online преку bileti.mkc.mk.

Од Синедејс веќе почнаа да ги објавуваат музичките и филмските изненадувања за верната скопска публика. Јубилејното 20-то издание на Фестивалот за европски филм – Синедејс ќе се одржи од 15 до 21 јули.