Министерот Муртезани со благодарност за помошта која С. Македонија ја добива од САД преку УСАИД

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, се сретна со претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Македонија, Џери Дајбл, на која беше реафирмирана американската поддршка во напорите за зајакнување на демократските практики и институции, зголемување на економскиот развој и подобрување на квалитетот на образованието во земјата

Фото: Министерство за европски прашања

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани се сретна со претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Македонија, Џери Дајбл, на која беше реафирмирана американската поддршка во напорите за зајакнување на демократските практики и институции, зголемување на економскиот развој и подобрување на квалитетот на образованието во земјата, информираше Министерството за европски прашања.

Министерот Муртезани изразил благодарност за континуираната помош која Северна Македонија ја добива од САД преку програмите на УСАИД кои се фокусираат на промовирање на судските реформи и транспарентно владеење, унапредување на децентрализацијата, зајакнување на економската конкурентност, промовирање на енергетската ефикасност, креирање политики за усогласување со регулативите на ЕУ и други значајни реформски области.

„Присуството на УСАИД во нашата земја е од витално значење во остварувањето на нашите стратешки приоритети – членството во ЕУ“, посочил Муртезани на средбата.

Соговорниците се согласиле дека двете земји ќе продолжат да работат во партнерство со цел реализација на приоритетите на Северна Македонија, поттикнување на реформите кои ѝ помагаат на земјата на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, промовирање на одговорно лидерство, односно дека УСАИД и Владата на Северна Македонија ќе продолжат посветено да работат на унапредување на заедничката визија низ партнерството кое трае повеќе од 3 децении.