Милитантите на ИД под опсада во Ал Баб

Милитантите на Исламска држава се под опсада во градот Ал Баб, последното упориште на екстремистите во северната сириска провинција Алепо, соопшти сириската Опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон.

– Силите на сирискиот режим, со поддршка на борците од либанскиот Хезболах и од руските воздушни сили, успеале целосно да го опколат Ал Баб и околината од јужната страна, додека градот под опсада од север, исток и од запад го држат турските сили и бунтовниците – соопшти Опсерваторијата.

Директорот на Опсерваторијата, Рами Абдел Рахман, рече дека режимските сили „успеале во ноќта меѓу недела и понеделник за заземат еден пат кој бил во рацете на ИД, а кој го поврзува Ал Баб со другата сириска територија“.

Сириските бунтовници со помош на турската војска на 10 декември почнаа офанзива на северните делови на Ал Баб.

Анкара на 24 август испрати војска и тенкови на северот на Сирија за да ја потисне ИД и да го запре напредувањето на сириските Курди.