Милитанти на ИД влегле во Турција и планираат напади?!

Милитантите на Исламска дражва (ИД) влегле во Турција и планираат напади на дипломатските мисии во Анкара и во Истанбул, пренесува хрватската државна телевизија (ХРТ), повикувајќи се на информации објавени во турските медиуми.

Весникот „Хуриет“, повикувајќи се на интерна белешка на турската национална разузнавачка агенција (МИТ), пишува дека околу 3.000 милитанти на ИД од Сирија и од Ирак настојуваат да влезат во Турција преку нејзината јужна граница, откако не успеале да го освојат сирискиот град Кобане.

Се верува дека дел од милитантите веќе влегле во Турција и дека се наоѓаат во „сигурни куќи“, било наведно во белешката, но не се прецизира за колкав број милитанти станува збор.

„Милитанти кои се обучени за самоубиствени и за бомбашки напади подготвуваат напади на мисиите на коалиционите сили во Анкара и во Истанбул“, пишувало во белешката.

„Хуриет“, исто така, додава дека дел од милитантите планираат да влезат во Бугарија со намера да извршат напади во земјите-членки на Европска Унија.

Турската полиција одбила да ги коментира овие наводи, а претставници на разузнавачката агенција не биле достапни за коментар.