Мендух Тачи: СДСМ ќе биде во опозиција наредните 50 години

Аудиоснимката од разговор објавен од СДСМ, во кој се тврди дека јас сум контактирал со директорот на УБК, Сашо Мијалков, а потоа сум давал налог како да се гласа во Државната изборна комисија, е монтиран и конструиран, изјави претседателот на ДПА, Мендух Тачи, по средбата што денеска ја оствари со германската амбасадорка Кристине Алтхаузер. Според Тачи, опозицијата со објавувањето на прислушуваните разговори, сака да предизвика нарушување на албанската политича сцена.

– Ова е не е нешто неочекувано. Ова е обична петарда од џелатот на Aлбанците, Заев. Немам никакаков впечаток од тоа што е објавено. ДПА јавно гласаше да се поништи гласањето во Струмица и ВМРО-ДПМНЕ јавно гласаше да се поништи гласањето во Чаир. Зошто смешните човечиња не објавуваат ништо за ДУИ, за нивниот криминал и корупција. Политичката борба против СДСМ ќе ја продолжиме и им порачувам дека во опозиција ќе бидат во наредните 50 години – изјави лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Аферата со прислушувањето, како што изјави Тачи, ќе заврши неуспешо. Во неа, според него, се вклучени сите освен ДПА.

– Секој секого веќе прислушува. Се прислушувало и однатре и однадвор – изјави Тачи.

Претседателот на ДПА, Тачи, очекува правна разврска на аферата, за која не е сигурен дека ќе биде коректна. Вели дека остварил средба со премиерот Никола Груевски, на кој му го пренел ставот на ДПА, дека со прислушувањето се дефокусира јавноста од двете важни прашања за државата, евроинтеграциските процеси и меѓуетничките проблеми.