Македонија оваа година останува без кандидат за Оскар

Македонскиот филм е заглавен во кал. Не се сервисираат проектите кои се во развој, во продукција или се завршени. Нема нови проекти, прекинати се или се загрозени речиси сите регионални и меѓународни соработки, велат во ДФРМ

фото: Revolver Creative Company на Unsplash

Друштвото на филмските работници веќе подолго време е во отворен конфликт со министрите за култура, посебно со екс-министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, поради, како што велат, паушалното и безумно кратење на буџетот за филм. Овие проблеми, според друштвото, веќе се реалност.

„Македонскиот филм е заглавен во кал. Не се сервисираат проектите кои се во развој, во продукција или се завршени. Нема нови проекти, прекинати се или се загрозени речиси сите регионални и меѓународни соработки, а Македонија годинава нема да има ни кандидат за Оскар, едноставно затоа што нема филм кој ги исполнува прилично едноставните услови пропишани од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука“, изјавија од ДФРМ.

Оттаму оценуваат дека овие состојби се и последица на она на кое јавноста е сведок веќе подолго време, односно очајната ПР кампања која се води против Друштвото на филмските работници.

„ДФРМ стана предмет на подмолни анонимни пријави, за кусо потоа да се обелодени нивниот подносител и автор“, се надоврзуваат од ДФРМ.

Од Друштвото бараат од министерот Зоран Љутков да им овозможи на авторите и филмските работниците да снимаат, а нашите филмови да одат напред, со тоа што ќе им даваат финансии, како и да ги расчисти сите дилеми присутни во јавноста и да воспостави принципи на либералност, транспарентност и еднаквост.