„Мајкрософт“ го претстави оперативниот систем Windows 11

Уиндоус 11
Фото: MICROSOFT

После неколкумесечни најави, новиот оперативен систем на „Мајкрософт“ и официјално на онлајн настан ѝ беше претставен пред јавноста.

Windows 11 доаѓа откако критиките кон „Мајкрософт“ пораснаа во текот на изминатава година додека траеше пандемијата, а луѓето остануваа дома и поминуваа повеќе време со Windows 10 за работа, образование и забава, па сѐ повеќе се жалеа на недостатоците на актуелниот оперативен систем.

Фокусот на Windows 11, оперативниот систем од следната генерација, е ставен на поедноставување на корисничкиот интерфејс на Windows, нова продавница за програми и игри, подобрување на перформансите и мултитаскингот.

Уиндоус 11
Фото: MICROSOFT

Новиот софтвер, исто така, ќе им овозможи на Андроид апликациите да функционираат и на десктопот на Windows. За да го овозможи ова, „Мајкрософт“ соработувал со „Амазон“ и „Интел“. На настанот беше демонстрирано како ТикТок и некои други апликации без проблем работат на Windows 11.

Првото нешто што „паѓа во очи“ кај новиот оперативен систем е новото Старт-мени, како и Старт-копчето, кои сега се сместени на средината на таскбарот, наместо од левата страна како што беше досега. Критичарите пишуваат дека поставеноста на алатките во центарот на десктопот е направена под влијание на оперативните системи macOS на „Епл“ и Chrome OS на „Гугл“.

Уиндоус 11
Фото: MICROSOFT

Дел од Windows 11 се новите заоблени агли на прозорците, новата позадина, а оперативниот систем ќе вклучува и темен и светол режим на екранот. Поедноставена е и Windows – иконата.

Новиот оперативен систем кај корисниците ќе доаѓа со интегриран Microsoft Teams – апликацијата на „Мајкрософт“ за организација и видео-разговори, како и Xbox Game Pass – услуга која нуди пристап до стотици игри.

Уиндоус 11
Фото: MICROSOFT

Најавени се и подобрувања на брзината и перформансите.

Извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела, лансирањето на новиот оперативен систем го опиша како „големо достигнување во историјата на Windows“.

Windows 11 ќе биде достапен како бесплатно ажурирање на постојните корисници на Windows 10. Инаку, во моментов околу 1,3 милијарди уреди работат на оперативниот систем Windows 10.