Лиам Нисон сака да снима филмови уште две години

Лиам Нисон во моментов го промовира својот најнов филм, акциониот трилер „Трчајќи цела ноќ“ (Run All Night), во кој глуми заедно со Џоел Кинаман и со Ед Харис. Ова е уште еден од редицата акциони филмови што Нисон ги сними последниве неколку години, од кои, секако, најпопуларна е франшизата „Taken“.

Со оглед на тоа што има 62 години и на доцни години стана препознатлив по акциониот жанр, Нисон во интервју доби прашање за тоа уште колку време планира да снима акциони филмови.

„Можеби уште две години, ако Бог ме поштеди и ако сум здрав. Но, потоа ќе престанам… Барем така мислам“ – стои во изјавата што ја пренесе „Холивуд рипортер“.

Во „Трчајќи цела ноќ“, Нисон ја толкува улогата на поранешен платен убиец кој ќе се соочи со поранешниот шеф за да го спаси својот син. Премиерата на овој филм во САД е закажана за 13 март.