Косово со протестна нота до С. Македонија поради инцидент на скопскиот аеродром

Oбезбедувањето на аеродромот се обидело да го земе приватниот телефон на претседателката Вјоса Османи, а таа била оттурната

Фото: president-ksgov.net

Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала, соопшти дека МНР на Косово упатило протестна нота до властите на Северна Македонија по синоќешниот инцидент на скопскиот аеродром, во кој обезбедувањето на аеродромот се обидело да го земе приватниот телефон на претседателката Вјоса Османи, а таа била оттурната, пренесува Н1.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово нагласува дека претседателката Османи била соочена со „несоодветен и незаконски третман од страна на персоналот за обезбедување на аеродромот“.

Во обид да ја разјасни ситуацијата, Гервала веднаш по инцидентот се сретнала со амбасадорот на Северна Македонија во Косово и имала средба со македонскиот вицепремиер Арбен Фетаи.

Гервала добила телефонски повик од нејзиниот македонски колега Тимчо Муцунски, каде била изразена загриженоста на косовските институции во врска со овој настан, а македонската страна објавила дека започнала истрага за овој случај.

Претходно денеска, Претседателството на Косово ја изрази својата огорченост „поради неприфатливите изјави“ на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Северна Македонија.

Претседателството во реакцијата до медиумите посочува дека во некои македонски медиуми се шири пропаганда против Косово во врска со инцидентот што се случил вчера на Меѓународниот аеродром Скопје, каде претседателката Вјоса Османи се соочила со неосновано барање да ѝ се одземе личниот телефон.

Министерството за внатрешни работи, како што соопштило Претседателството, во целост го оправдало барањето за скенирање на телефонот на претседателката, кој се користи за службена комуникација и прашања за националната безбедност.

Претседателката Османи го одбила ова барање повикувајќи се на совети на безбедносните институции.

Скопскиот аеродром и Министерството за внатрешни работи, како што пренесува Н1, признале дека налогот за контрола е издаден од МВР на Северна Македонија, со што е прекршена дипломатската пракса.

Во реакцијата од претседателството на Косово, се наведува дека според меѓународната пракса и Виенската конвенција за дипломатски односи, кога шефовите на држави патуваат, тие се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети, како и дека македонската страна била официјално информирана пред патувањето на претседателот, во согласност со дипломатската практика .

Во соопштението од Претседателството се посочува дека е скандалозно „да се тврди дека претседателката наводно имала нешто сомнително во нејзината чанта“.

„Тоа не само што е голема невистина, туку е во исто време најтешкото обвинување и најсериозната пропаганда што медиумите во Северна Македонија досега ја презентирале во насока на Република Косово. Уште поскандалозна е денешната изјава на МВР дека можеби министерот за внатрешни работи на Северна Македонија имал некаква информација, поради што е поднесено барање за проверка на личната чанта и телефонот на претседателот. Ова е невидена тенденција за оцрнување не само на претседателот, туку и на државата Косово“, се вели во соопштението.

Се додава дека, „целосно почитувајќи ги безбедносните протоколи, косовската полиција реагирала професионално“.

„Вчерашната ситуација на скопскиот аеродром не може поинаку да се објасни ниту да се оцени, освен како чиста провокација и тенденција да се предизвика инцидент. Наместо да се оправдува и да се дозволи пропаганда против Република Косово, бараме од официјалните власти во Скопје итно да пристапат кон овој случај со голема сериозност и да преземат соодветни мерки против функционерите кои го извршија овој напад врз Република Косово“, оценија од кабинетот на Османи.

МВР: Полицаец од обезбедувањето на Гаши се заканувал на вработен на скопскиот аеродром