Корупцијата ѝ штети на економијата

Корупцијата предизвикува значителни штетни последици врз развојот на економијата со попречување на долготрајни странски и домашни инвестиции.

Ова денеска го изјави министерот за правда Аднан Јашари, на денешната конференција „За усогласено управување и превенција на корупција во приватниот сектор“, во рамки на проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“, финансиран од ЕУ.

Според амбасадорката на Германија, Кристине Алтхаузер, искоренувањето на корупцијата во јавниот сектор нема да успее ако приватните компаниии што им нудат услуги на државните и на јавните институции, не се свесни за последиците од тоа.

– Повеќепати ЕК има побарано сите случаи поврзани со корупцијата, вклучувајќи ги и тие што се поврзани со високи финкционери и со политичари, да бидат темелно истражени на транспарентен начин во согласност со постојните правила и регулативи –  изјави Алтхаузер.

Според неа, последните приговори од Специјалното јавно обвинителство за намерни блокади од судовите и од другите јавни институции се вознемирувачки и високоалармантни знаци дека судскиот систем во државата се соочува со огромен предизвик.

– Истовремено, судиите, јавните обивнители и персоналот во судството имаат извонредна можност да ја покажат нивната независност и професионализам во обработката на потенцијалните случаи и корупција на високи нивоа и злоупотреба на овластувањата во согласност со европските стандарди – порача таа.

Според евроамбасадорот Аиво Орав, во економски услови корупцијата е противтежа на иновацијата и на претприемачкиот дух.

– Добро е познато дека корупцијата во бизнисот ја поттикнува и ја зајакнува корупцијата во владата и во самиот политички систем. Борбата против корупцијата е еден од најважните предпристапни барања за членство во ЕУ – изјави Орав.