Контраспин: Интерпелациите не се глупави и незрели само кога ВМРО-ДПМНЕ е опозиција

Премиерот Мицкоски, најавувајќи дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи иницијативата за интерпелација на собранискиот спикер Гаши, ја изврти вистината, па однесувањето на опозицијата го нарече глупаво и незрело

фото: vlada.mk

Зошто барањето на опозицијата за смена на претседателот на Собранието би било глупаво и незрело? Впрочем, во изминативе триесетина години интерпелации поднесувале и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и ЛДП, а своевремено тоа го правеа и ПДП и ДПА, но и други партии кога биле во опозиција. Овој механизам многупати го користеше и Мицкоски откако застана на чело на ВМРО-ДПМНЕ, само на тогашниот спикер Талат Џафери му поднесоа две интерпелации – во 2022 година и претходно во 2021 година заедно со Левица. Зарем тогаш не беше „глупаво и незрело“ нивното барање? Или, перцепцијата на ВМРО-ДПМНЕ е поинаква кога партијата е во опозиција, па тогаш со поизострена диоптрија ги гледа нештата и на друг кантар ги мери потезите на политичките противници

 

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање околу интерпелацијата на претседателот на Собранието, Африм Гаши го искажа следниот спин:

Спин: Ова е незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица и дека апсолутно нема никаква основа за интерпелација на спикерот Гаши и ние нема да ја поддржиме таквата иницијатива. Имаме голем број аргументи зошто тоа не треба да го направиме .

[Извор: Слободен печат; Грид.мк; датум: 02.09.2024]

Контраспин: Премиерот Мицкоски, најавувајќи дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи иницијативата за интерпелација на собранискиот спикер Гаши, ја изврти вистината, па однесувањето на опозицијата го нарече глупаво и незрело!

Сосема легитимно право на Мицковски, како и на сите други претставници од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, да сметаат дека нема никаква основа за интерпелацијата и да не ја поддржат. Но, зошто барањето на опозицијата за смена на претседателот на Собранието би било глупаво и незрело? Па тоа е демократско и легитимно право на секоја опозиција, ако процени дека има потреба да ги искористи механизмите кои ѝ се на располагање и да поднесе интерпелација за кој било функционер.

Тука нема ништо спорно, ниту е прва, ниту последна интерпелација. Двете страни, подносителите на интерпелацијата (опозицијата) и оние кои ќе застанат во одбрана на функционерот (претставниците на власта), ќе ги вкрстат аргументите, ќе дебатираат, ќе се обвинуваат меѓусебно, на моменти и пожестоко, и во сето тоа нема ама баш никаква драматика. На крајот, оној кому му е поднесена интерпелацијата речиси секогаш „преживува“.

Впрочем, во изминативе триесетина години интерпелации поднесувале и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и ЛДП, а своевремено тоа го правеа и ПДП и ДПА, но и други партии кога биле во опозиција. Овој механизам многупати го користеше и Мицкоски откако застана на чело на ВМРО-ДПМНЕ, само на тогашниот спикер Талат Џафери му поднесоа две интерпелации – на крајот на мај 2022 година и претходно во јули 2021 година заедно со Левица. За причините за интерпелацијата, тогаш на заедничка прес-конференција говореа Гордана Силјановска-Давкова, во тоа време пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ и Димитар Апасиев. На Џафери му забележаа дека говореше на албански јазик пред Комитетот на министри на Европскиот парламент (ЕП) во Брисел, но и кршење на ковид-протоколите на седницата кога двајца пратеници од мнозинството, кои беа позитивни на ковид-19, дојдоа во скафандри за да гласаат за економските мерки.

Зарем тогаш не беше глупаво и незрело нивното барање за интерпелација доставено заедно со Левица? А сега оваа интерпелација иницирана од Левица, а која според најавите ќе ја поддржи и СДСМ, е и глупава и незрела?!

Или, перцепцијата на ВМРО-ДПМНЕ е поинаква кога партијата е во опозиција, тогаш со поизострена диоптрија ги гледа нештата и на друг кантар ги мери потезите на политичките противници. Арно ама, сега од комотната позиција во власта не забележува никаково проблематично однесување, ниту во своите редови, ниту кај коалициските партнери, но е многу чувствителна на критики. Иако и самиот Гаши денес во Собранието, но и деновиве во јавните настапи рече дека не смета оти е нешто страшно тоа што опозицијата му поднела интерпелација, туку на тоа гледа како на нејзино демократско право. Тој по обраќањето пред пратениците по повод интерпелацијата се повлече од салата, бидејќи не сакал да влијае врз пратениците со неговото присуство, но како што рече, секако ќе ја следи седницата, секој говор и секоја реплика со голема внимателност.

 

*****

Собранието денеска (03.09.2024) расправа за интерпелацијата за Гаши што му ја поднесе Левица. Според партијата, Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално „и згора на сѐ противзаконски неуставно и неделовнички“. Како што се наведува, Гаши ја повредил секуларноста на државата кога на собраниска седница за одбележување на геноцидот во Сребреница заедно со други присутни изведе групна верска молитва. Како причина за барање одговорност од Левица го наведуваат инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром. Според Левица, Гаши како претседател на законодавниот дом направил и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја даде како веќе избран претседател прво ја даде на албански, а не на македонски јазик.

Во меѓувреме на Гаши му се случи и скандалот со одењето по косовската невеста со свадбарска свита од службени и приватни возила, кои границата ја поминале без никаква проверка. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку својот фејсбук-профил ја информираше јавноста дека шест свадбарски возила во колона под полициска придружба, за две минути ја минале границата на „брзата лента“.

Социјалдемократите, како што најави партискиот лидер Венко Филипче, ќе ја поддржат интерпелацијата за Гаши, спротивен став има единствено пратеникот Фатмир Битиќи, Тој во изјава за медиумите интерпелација на Левица ја нарече националистичка и ксенофобична. Од ДУИ најавија дека ќе дебатираат за интерпелацијата и ќе ги кажат сите недоследности и забелешки за работењето на Гаши како претседател на Собранието, но како што изјави Блерим Беџети пред почетокот на собраниската седница, од принципиелни причини нема да гласаат за негово разрешување.

Па, имајќи предвид дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи иницијативата, исходот од расправата за интерпелацијата е сосема извесен. Јасно е дека подносителите на интерпелацијата нема да обезбедат најмалку 61 глас за да „падне“ Гаши.