Земјите аспиранти за влез во ЕУ, пред да станат дел од клубот, ќе мораат да докажат конкретен напредок во инклузијата на Ромите во своите општества, изјави денеска во Брисел еврокомесарот Јоханес Хан.

Изјавата на Хан е дадена на промоцијата на иницијативата „Интеграцијата на Ромите 2020“, поведена од Европската комисија, Советот за регионална соработка (РСС, интервладино тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа- SEECP) и од Фондацијата „Отворено општество“.

– Пред да пристапат, земјите ќе мора да покажат остварување на конкретен напредок во областите на образованието, вработувањето, здравството, домувањето и на личните документи на Ромите – посочи Хан.

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, изјави дека станува збор за тешки времиња за сите и во Југоисточна Европа, и дека тие тие тешки времиња и сиромаштија, најмногу се одразуваат на Ромите.

– Овој регион мора да оди кон ЕУ со сите свои луѓе и Ромите не смеат повторно да бидат изоставени. Проектот „Интеграција на Ромите 2020 година“ води кон инклузија – изјави Свилановиќ, додавајќи дека „ќе се стори сè од страна на РСС да се намали јазот меѓу ромскатата и неромската популација во земјите од Западен Балкан и во Турција“.

Според претседателот на Фондацијата „Отворено општество“, Џорџ Сорос, Ромите мора да останат приоритет за ЕУ и надвор од неа, а додаде дека неговата фондација сторила многу за инклузија на Ромите и била клучна за ставањето на агендата за Ромите на дневен ред на националните влади.

Проектот „Интеграција на Ромите 2020“ се реализира во Република Македонија и во другите земји од Западен Балкан и во Турција. Таа се темели на продолжување на постигнатото со проектот „Декада на Ромите 2005-2015 година“.

Денешната промоција на иницијативата, како што соопшти РСС, беше проследена со состанок меѓу именуваните претставници за ова прашање од националните влади, претставници на ромската популација и претставници на Европската комисија.