Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 2 и на 3 мај во Куманово

Петнаесеттиот партиски конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи на втори и на трети мај во Куманово, а на него ќе присуствуваат 560 делегати избрани по различни основи. На овој конгрес треба да се избере претседателот на партијата, а рокот за поднесување кандидатура е до петок, до 15 часот, во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

– Постапката за избор на претседател на партијата е позната на јавноста. На истиот начин сме избирале неколкупати по ред. Најмалку 30 делегати на Конгресот, во согласност со деловникот, имаат право да предложат кандидат за претседател. Гласањето е тајно и гласаат сите присутни делегати, без исклучок. Тој што ќе добие најмногу гласови ќе биде претседател и ќе ја води партијата во следните четири години – рече членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во вестите на телевизија „Канал 5“.