Кој е првиот телефон со „андроид 5.0“

LG ги претрка Samsung, HTC, Sony и Motorola кои исто така подготвуваат верзии на Android 5.0

Покрај „нексус 5“ (Nexus 5) и останатите изданија на уреди „гугл плеј“ (Google Play) кои се директно поддржани од „Гугл“, по се изгледа дека „Ел Џи“ ќе биде првата компанија која ќе им понуди „андроид 5.0“ на своите корисници. Оние кои купиле LG G3 уште утре (10 ноември) ќе можат да ја симнат најновата верзија на своите уреди. Процесот на осовременување најпрво ќе почне во Полска, а се очекува апдејтот да биде достапен во сите земји (вклучувајќи ја и Македонија) до крајот на неделата.

Со тоа, „Ел Џи“ ги претрка „Самсунг“, „Ха Те Це“, „Сони“ и „Моторола“, кои, исто така, подготвуваат верзии на „андроид 5.0“ за своите уреди. Особено разочарани се корисниците на „Самсунг“, кои очекуваа дека први ќе го добијат најновиот оперативен систем за Galaxy S5 и особено новиот Galaxy Note 4.

„Ел Џи“ исто така потврди дека и други уреди ќе добијат „андроид 5.0“, вклучувајќи го и минатогодишниот модел G2. Засега не се знае која би била временската рамка за останатите уреди на компанијата.