Кери: САД ќе ја гарантираат безбедноста на Корејскиот Полуостров

Американскиот државен секретар, Џон Кери, денеска ја обвини Северна Кореја за непочитување на меѓународното право и му вети на јужниот сосед дека САД ќе сторат сè за безбедноста на Корејскиот Полуостров.

Кери, кој е во посета на Јужна Кореја, го обвини Пјонгјанг дека продолжува со нуклеарни и со ракетни активности, како и со репресија врз своите жители.

– Неопходно е да се изврши притисок врз Пјонгјанг поради страшното однесување и обидите за поткопување на преговорите за неговата нуклеарна програма – рече Кери, додавајќи дека Северна Кореја продолжува со програмата и оти се однесува како да се откажала од преговорите.