Извештај на Бенквоч: РЕК Битола останува најголемиот загадувач на воздухот со сулфур диоксид на Балканот

Лани РЕК Битола испуштила во воздух вкупно 105.431 тони сулфур-диоксид, што е двојно повеќе од 2018 година кога емисиите изнесувале 52.823 тони. Овие податоци се соопштени во годишниот извештај на групацијата Бенквоч, најголемата мрежа на цивилни асоцијации за заштита на животната средина и човековите права во централна и источна Европа. Со ова трите блока во Kомбинатот станаа инсталација со најголеми емисии на сулфур диоксид во регионот, а можеби и во Европа, пренесува „Еко-свест“.

Истовремено, најголемиот енергетски објект во државава во 2019 година имал повторно за 2,5 пати повисоки емисии на прашина од дозволеното. Емисиите на прашина од РЕК Битола и од РЕК Осломеј лани остануваат слични како и минатите години, за разлика од емисиите на сулфур диксид кои се дуплирани во споредба со 2018 година.

Најновиот извештај од Бенквоч доаѓа две и пол години откако законодавството за контрола на емисиите од големи согорувачки капацитети стапи на сила и во нашата држава, како членка на Енергетската заедница, но Македонија е сè подалеку од исполнување на обврските.

Овогодишниот извештај, кој е продолжение на ланскиот, наречен „Усогласи или затвори“, покажува дека термоелектраните на јаглен од Западен Балкан продолжуваат да емитуваат неверојатно високи количини на загадувачи во воздухот – повеќекратно поголеми од дозволените со Националните планови за намалување на емисиите.

Вкупните емисии на сулфур диоксид во 2019 година од термоелектраните во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија остануваат шест пати над дозволеното, исто како и во 2018 година. Емисиите на прашина во регионот се незначително намалени и во моментов се 1,6 пати повисоки од дозволеното, се констатира во извештајот на Бенквоч.

Истовремено, се потсетува на фактот дека само во 2016 година околу 3.900 лица од регионот и од соседните земји починале како резултат на хроничното загадување на воздухот од постојните термоелектрани.

Во извештајот се констатира дека земјите од регионот мораат да ја напуштат технологијата на производство на електрична енергија од согорување на јаглен и да се свртат кон обновливите извори на енергијата. Но, за оние термоелектрани кои мораат да останат отворени уште одреден број на години, стои во извештајот на Бенквоч, владите на тие земји мораат да ги намалат часовите на работа на термоелектраните во текот на годината, за да можат да ги симнат загрижувачките нивоа на загадување кои тие ги продуцираат, до законски прифатливите вредности на присуство на загадувачки материи во воздухот, истовремено инвестирајќи во опрема за мерење на аерозагадувањето.

Националниот план за намалување на емисиите е механизам што овозможува големите капацитети постепено да ги намалуваат емисиите до 2027 година, кога треба да се целосно усогласени со строгите гранични вредности од европското законодавство, потсетуваат од „Еко-свест“. Но, согласно развојот на настаните во енергетскиот сектор во државава, станува се помалку веројатно дека ќе видиме постројка за десулфуризација во Битола во периодот до 2027 година.

„Во меѓувреме приоритет е да се донесе Програмата за имплементација на стратегијата за развој на енергетиката со која ќе се избере зеленото сценарио како најисплатливо и забрзано ќе почне да се спроведува. Ова ќе овозможи во најкраток можен рок да се намалат работните часови на Комбинатот и тој да се затвори во определениот рок, а со тоа и да се елимира проблемот со загадувањето што произлегува од него“, вели Давор Пехчевски од „Еко-свест“, кој е координатор за аерозагадување во Бенквоч и ко-автор на извештајот.