Избрани победниците на видео-конкурсот „Светло, камера, климатска акција!“

Избрани се трите победнички видеа на CTRLZ предизвикот – видео-конкурс „Светло, камера, климатска акција!“ што го објави Фондацијата Метаморфозис.

На видео-конкурсот пристигнаа вкупно 14 авторски дела, кои беа оценувани од комисија составена од новинари во Новинската агенција „Мета.мк“ и претставници на Британската амбасада. При оценувањето, најмногу се вреднуваа идејата, креативноста при изработката и силината на пораката на доставените содржини. При изработката на видеата беше забрането користење материјали заштитени со авторски права или плагијаторство.

Според оцените на комисијата, прво место на CTRLZ предизвикот освои видеото „Природата не е место што го посетуваме, таа е нашиот дом“ на авторката Кристина Конева. Во победничкото видео авторката зборува за загадувањето на природата и порачува дека луѓето се оние кои треба да се грижат за сопственото здравје и за сопствената иднина.

Второто место на конкурсот „Светло, камера, климатска акција!“ го освои видеото „Алармантно повлекување на водата во Преспанското езеро“ на авторот Стефан Бужевски. Во своето видео авторот посочува на проблемот со повлекувањето на водата од Преспанското езеро и ја нагласува потребата од преземање итна акција за решавање на овој горлив проблем.

Третонаградено видео на конкурсот е видеото „Огромна загаденост на Струмичката котлина во текот на зимската сезона“ на авторката Ивана Крстова.

„Да ги зачуваме последните здрави остатоци од светот и да се избориме против загаденоста на природата“, вели авторката во видеото.

Авторите на трите наградени видеа добија ваучери за ИТ опрема во вредност од 15.000 денари за прво место, 6.000 денари за второ место и 3.000 денари за трето место.

Целта на видео-конкурсот беше да ја подигне свеста за вклучување на младите во посочувањето и справувањето со климатските промени.

Видео-конкурсот објавен од страна на Фондацијата Метаморфозис е дел од проектот „Кредибилни вести за оспособена младина“ финансиран од Британската амбасада во Скопје.