Инстаграм сè уште блокиран во Турција: „Кога ќе ги почитуваат нашите закони, забраната ќе биде укината“

Според турските медиуми, Инстаграм има повеќе од 50 милиони корисници во Турција, земја со 85 милиони жители

Photo by Brett Jordan on Unsplash

Социјалната мрежа Инстаграм веќе втор ден е блокирана во Турција, по обвинувањата за цензура испратени од висок турски функционер до американската платформа, јавува Франс прес.

Директорот за комуникации на турскиот претседател Фахретин Алтун во средата остро го критикуваше Инстаграм, тврдејќи дека платформата ги спречува луѓето да објавуваат пораки со сочувство за „маченикот (Исмаил) Ханије, шефот на Хамас“.

„Тоа е многу јасен обид за цензура“, напиша Алтун на социјалната мрежа X.

Одлуката на својата веб-страница ја објави турската Дирекција за информатички и комуникациски технологии, која не даде никакво објаснување.

Одлуката за блокирање е објавена на веб-страницата на турската управа за информатичка и комуникациска технологија (БТК). Taa се однесува на регулатива која овозможува блокирање на „криминална содржина“ без да дава детали.

„Нашата земја има вредности. И покрај нашите предупредувања, тие не ја зедоа предвид криминалната содржина. Наведовме забрана за пристап. Кога ќе ги почитуваат нашите закони, забраната ќе биде укината“, изјави вчера турскиот министер за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу.

Опозициската партија ЦХП (социјалдемократи) и Иџи партијата (националисти) синоќа апелираа и побараа укинување на забраната за пристап.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи ден на жалост во спомен на Ханије, кој беше убиен во средата во Техеран во напад за кој беше обвинет Израел. Ханије често беше во Турција пред нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Тој беше погребан вчера во Катар, каде што живееше во егзил.

Според турските медиуми, Инстаграм има повеќе од 50 милиони корисници во Турција, земја со 85 милиони жители.

Турските власти привремено ги блокираа социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер неколку пати во последниве години.