Oсум училишта во Тексас имплементирале нова политика за забрана за користење мобилни телефони, односно се бара од учениците да ги заклучуваат своите телефони во футроли, од првото па сè до последното училишно ѕвонче, пренесува „Форбс“.
Пред да започне наставата во девет часот наутро, 2.800 ученици влегуваат во училишните згради со отворени футроли и телефони во рака. Вработените на пет влезови, проверуваат дали телефоните се исклучени и ги гледаат учениците како ги ставаат уредите во торбичките. Тие потоа ги запечатуваат футролите, кои остануваат затворени и недостапни во текот на денот.
Најпопуларната технологија што го поддржува овој напор е патентирана магнетна футрола од 30 долари, развиена од „Yondr“, стартап основан во Сан Франциско пред 10 години. Тогаш, концептот за простор без телефон звучеше „невозможно“ и „лудо“, според основачот и извршен директор Греам Дугони.
„Најдобар начин да им се помогне на младите да научат како да се движат низ дигиталниот свет е да им се даваат најмалку шест до осум часа дневно без него, за да ја разберат разликата“, вели Дугони.
Учениците ги чуваат футролите во ранците до крајот на часовите. Потоа, специјалните магнети (како уредите за отстранување на „сирените“ во продавниците) поставени на излезите, овозможуваат отклучување на футролите. Една футрола чини 30 долари, а професори коментираат дека разликата со овој начин на функционирање е како „ден и ноќ“.
„Учениците се повторно ангажирани. Тие поставуваат прашања на часовите. Не морам да се повторувам одново и одново, што морав да го правам поради мобилните телефони. Тие соработуваат и не се обидуваат да побегнат од училницата како порано“, вели Мартин Расел, професор по историја во Тексас.
Бројот на училишта, области и држави кои ги ограничуваат или забрануваат телефоните од учениците вртоглаво расте. Несаканите последици и потенцијалната штета на социјалните медиуми, особено по менталното здравје на децата, сега се во фокусот на национална дебата. Многумина тинејџери признаваат дека користат социјални медиуми „речиси постојано“, според податоците на „Pew Research“ од 2023 година. Резултатите исто така покажуваат дека повеќето професори во средните училишта во САД мислат дека одвлекувањето на вниманието од телефонот на учениците во училницата е голем проблем.
Исто така, постои загриженост за сајбер-малтретирањето, вклучително и тинејџери кои фалсификуваат голи фотографии од нивните врсници, како и проблеми со приватноста. Учениците стравуваат дека ќе бидат снимени и дека нивните снимки во секој момент ќе бидат објавени на Интернет.
Окружните правила или федералните закони кои ја спречуваат употребата на паметни телефони (а понекогаш и лични уреди како лаптопи и слушалки) во училиштата брзо се шират. Законите стапија на сила во Флорида, Луизијана и Индијана. Јужна Каролина, Минесота, Охајо и Вирџинија донесоа слични закони кои ќе стапат на сила следната година. Гувернерот на Конектикат, Нед Ламонт, кој размислува за слични планови, посебно ги препорача футролите „Yondr“ како решение.
Независниот училишен округ Ричардсон, каде што 12.000 ученици од основно и средно училиште денес користат футроли, е само дел од растечкото движење за протерување на паметните телефони не само од училниците, туку и од училишните ходници, кафетериите, соблекувалните и другите заеднички простории.