Иџет Мемети призна дека земал мито и се спогоди со Обвинителството – доби една година условно

Мемети доставил и поднесена неотповиклива оставка како член на Совет на јавни обвинители која ја доставил до Собранието а изречена му е и забрана за вршење дејност во рок од три години

Фото: Мета.мк

Иџет Мемети, кој е член на Советот на јавни обвинител, признал дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание, во случајот каде обвинет е и врховниот судија, Наќе Георгиев. Мемети се спогодил со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со предлог до Кривичен суд да му се одреди условна осуда и забрана за вршење на дејност во наредните три години. Мемети беше осомничен во случајот за земање 10.000 евра со цел, да му ја олесни положбата на градоначалникот Боро Стојчев (Боро Малборо), против кого беше покрената кривична постапка за шверц со марихуана.

„Предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Предлог – спогодба со осомничениот И.М. за кој постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од чл. 359 ст.3 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик за кое е пропишана затворска казна од 1 до 5 години. Претходно, со поднесената иницијатива за спогодување, осомничениот И.М до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави и поднесена неотповиклива оставка како член на Совет на јавни обвинители која ја доставил до Собранието на РСМ. Странките се согласија на осомничениот И.М. за стореното кривично дело да му биде изречена казна алтернативна мерка – условна осуда со утврдена казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку осомничениот во рок од три години не стори ново кривично дело, како и судот да му изрече и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од 3 (три) години, бидејќи истиот ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршувањето на кривичното дело и врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено, може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело“, се вели во соопштението на обвинителството.

Предлог-Спогодбата со сите прибрани докази е доставена до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје кој треба да закаже рочиште за оцена на предлог – спогодбата и доколку истата биде оценета како прифатлива, надлежниот суд ќе донесе пресуда која се заснова врз предлог-спогодбата.

Предлог – спогодбата како институт се користи при постоење на признание за вина, па тогаш правилата на постапката се поедноставени, не се изведуваат докази поврзани за фактичката состојба и постапката е едноставна, брза и ефикасна бидејќи судот треба само да ја изрече санкцијата. Една од причините за прифаќање на спогодувањето за кривичната санкција е настојувањето да се скрати траењето на кривичната постапка во случаите кога фактичката состојба е неспорна за обете странки, кога обвинителството располага со доволно докази во однос на кривично-правниот настан, при што и без изведување на прибавените докази судијата ќе може да донесе основана, законита и правична пресуда“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Судијата Наќе Георгиев кој е во притвор и Мемети се осомничени дека му ветувале на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе му помогнат на татко му во истрага што се води во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Синот ги пријавил во МВР, каде му дале обележани банкноти. Кога му ги дал бележаните пари на рака на Георгиев, се појавила полицијата и го фатила на дело.

Иџет Мемети беше министер за правда и Народен правобранител.