ХЕРА ги промовира најдобрите практики за човечки ресурси и социјална вклученост во регионот

Балканскиот караван е можност за споделување на нашите добри практики, како и за праќање на пораката за нулта толеранција на родово-засновано насилство, истакна Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА

Фото: ХЕРА

Човековите права како универзален концепт се исти за сите и сите треба подеднакво да ги уживаат. Пристапот до услуги за поддршка на жртви, деца и семејства засегнати од родово-засновано насилство, по мерка на ранливи категории и лица со попреченост е една од клучните алки за прекин на насилството.

Ова беше истакнато на завршниот настан на Балканскиот караван во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите и ангажманот во политиката на давателите на социјални услуги во заедницата” во организација на Здружението Институт за развој на заедницата (ИРЗ) Тетово, во соработка со ХЕРА и КРИК.

„Балканскиот караван е можност за споделување на нашите добри практики, како и за праќање на пораката за нулта толеранција на родово-засновано насилство“, истакна Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА.

ХЕРА за време на настанот одржа презентација на проект и активностите насочени кон вклучување и подигнување на свеста за родово базирано насилство.

Настанот во форма на мини фестивал за човекови права под капата на Балканскиот караван е проект кој се одржува низ земјите на Балкан и трае шест дена.