Хелсиншки комитет постави „Ѕид на срамот“ на улица Македонија

Ниската свест кај граѓаните, непреземањето мерки од надлежните институции, како и неказнувањето на сторителите и слабата законска рамка се заклучоците од анализата на состојбата со говорот на омраза во Република Македонија подготвена од Хелсиншки комитет, објави „Радио Слободна Европа“.

Елена Брбеска, поектна координаторка во Хелсиншкиот комитет, вели дека најголем број од пријавите на говор на омраза биле врз основа на националност, јазик и на етничка и верска припадност, а по нив следат пол, род и сексуална ориентација. Според неа, најголема застапеност на говорот на омраза има за време на изборите, кога е застапен и говор на омраза врз основа на политичка припадност.

Директорот на ЛГБТИ-центарот, Кочо Андоновски, вели дека за разлика од пред десет години, кога правпат во јавноста се декларирал како хомосексуалец, ситуацијата е драстично влошена. Според него, говорот на омраза не само што е станат секојдневие, туку е влезен и во домовите. Тоа, како што додава Андоновски, е запрепастувачки за едно општество кое би требало да биде современо.

Насилството од вербално станало физичко, потсетува Андоновски, додавајќи дека Центарот за поддршка на ЛГБТИ-заедницата бил нападнат шестпати.

„Државата и институциите очигледно немаат намера и немаат волја да се борат со тоа. Немаме казни, со што, всушност, и се поттикнува уште повеќе говорот на омраза“, додава Андоновски.

За подигнување на свеста во борбата против говорот на омраза, Хелсиншкиот комитет ќе спроведе и платформа на која може да се вклучат сите заинтересирани, а на улица Македонија беше поставен и „Ѕид на срамот“ со примери на говор на омраза во медиумите и на личности што го практикуваат и го поттикнуваат.