Груевски: Се врши поличка, судска и политичка хајка врз 150 лица од ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска со норвешкиот амбасадор Арне Санес Бјорнстад разговарал за актуелната состојба во државата и стратешките интереси на Македонија, соопштија од партијата.

На средбата, Груевски посочил дека власта спроведува политички прогон и реваншизам врз сите оние кои различно мислат. Тој истакнал дека се притвораат невини луѓе, а оти се амнестираат и ослободуваат повеќе од 1.000 затвореници, меѓу кои и, како што се вели, убијците на децата на Смилковско езеро.

– Меѓу другото се апсат пратеници и се определува притвор со цел да се оневозможи нивно физичко присуство во парламентот. Република Македонија е држава каде власта уапси 12 отсто од пратеничката група на водечката опозициска партија или 5 отсто од вкупниот пратенички состав – рече Груевски, додавајќи дека СДСМ преку СЈО креира непостоечки обвиненија.

Груевски истакнал дека повеќе од 150 луѓе од ВМРО-ДПМНЕ се предмет на судска, полициска и политичка хајка зад која се кријат политички мотиви.

– Политичкиот прогон мора да престане, исто како што мора да се стави крај на гушењето на демократијата. Додека систематски се задушува слободата, економијата тоне, а стандардот на граѓаните слабее – истакна Груевски, додавајќи дека во атмосфера на страв, закани и уцени невозможно е земјата да се посвети на вистинските стратешки интереси како што е членството во НАТО.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочил дека за Република Македонија мора и треба да останат приоритет членството во ЕУ и НАТО и враќање на реформскиот процес што ќе значи унапредување на стандардите во многу сфери од општествениот и политички живот.