Граѓаните на Македонија многу малку го препознаваат говорот на омраза. Врз основа на податоците и статистиките, органите на јавниот ред и мир не ги земаат предвид тужбите за ваквото кривично дело, а потребна ни е и попрецизна законска рамка и кампања од извршната власт за спречување на говорот на омраза што во земјава се шири во алармантни размери, особено во последната деценија, пишува „Порталб.мк“.

Според Хелсиншки комитет за човековите права, се проценува дека во Македонија не е регулирана законската рамка за говорот на омраза, односно не е прецизна, граѓаните не го препознаваат ова кривично дело, за што извршните власти треба да промовираат кампањи, а судската власт треба конечно да почне да ги санкционира сторителите.

„Правната рамка за препознавање и санкционирање на говорот на омраза не е прецизна и не овозможува јасна рамка за дефинирање и опфаќање на говорот на омраза, со што не создава услови за развој на судската практика. Има недостаток од јавните области за препознавање на говорот на омраза и спречување на истиот во јавните простори, со што појавата на препознавање на говорот на омраза кај граѓаните е слаба“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Хелсиншкиот комитет врши надзор и пријавување на говорот на омраза во платформата говорнаомраза.мк. Од февруари 2014 година, до денес се регистрирани 551 случаи, од кои 341 се уважени и проверени, но никој не е казнет. Поголемиот дел од пријавите се поради етничка припадност, политичка припадност и сексуална ориентација и родов идентитет.

„Според судските статистики, можеме да заклучиме дека е особено мал бројот на судски постапки и дека за ова можеме да кажеме дека ова дело не се препознава и се занемарува, со што оневозможува судски практики како основ за унапредување на ова право. Хелсиншкиот комитет има доставено вкупно 9 кривични пријави за говор на омраза врз различни основи во периодот од 2013 година до 2018 и има поднесено 13 пријави во Одделот за Компјутерски криминал и вештачење на МБР, но за ниту едно од овие пријави не е покрената тужба во кривичните судови и за истите нема судска завршница“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Од таму бараат извршната власт да се ангажира околу промовирањето на вредностите на еднаквост и толеранција кон разликите, како и да понуди едукативна содржина за јавноста за да може да препознаат говор на омраза.

Инаку, Владата на Македонија преку националната стратегија за развивање на концептот Едно општество и интеркултурализмот во Македонија, ќе се бори против говорот на омраза, а најавуваат и нови кривични пријави преку МВР за лицата кои ширеле говор на омраза по социјалните и другите мрежи. Стратегијата ќе се изготви во период од шест месеци во вид на документ и според важноста е значаен имајќи ја во предвид поделбата на општеството на разни основи.

Сите граѓани кои се изложени на говор на омраза, случаите можат да ги пријават во МВР, Обвинителство, Комисијата за Заштита од дискриминација, Агенцијата за Аудио и Аудиовизуелни Медиумски Услуги, Здружението на Новинари на Македонија – Совет на честа, во Советот за Етика на Медиумите во Македонија (КЕММ), исто така и во онлајн на платформата www.govornaomraza.mk.

Од февруари 2014 година во Република Македонија, во сила стапиле новите законски одредби со кои се забранува и казнува говорот на омраза и ширењето на материјали преку интернет, со кои се промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против било кој поединец или група, врз било кој основ на дискриминација. Со измените во Кривичниот Законик кои ги усвои Собранието по итна постапка на почетокот од 2014 година и стапија во сила во средината на февруари (осум дена по нивното објавување во Службен весник на Р. Македонија, бр. 27 од 05.02.2014), за сторителите се предвидуваат парични казни и казна затвор од 1 до 5 години.