Имињата на годинешните добитници на наградата „13 Ноември“ денеска беа обелоденети во просториите на Град Скопје. Добитниците се професори, научници, уметници, студенти и ученици кои работат и творат во различни области.
Од областа на науката награди добија професорите Михаил Гаревски и Аслан Хамили. Награда за образование и за воспитание доби пензионираниот професор Томислав Димишковски. Заслуга за културата и уметноста имаат писателот Александар Кујунџиски, актерката Мушереф Лозана Прекиќ и хорската диригентка Летка Полизова-Димовска. Архитектот Вангел Божиновски доби награда за неговото досегашно работење во областа на публицистиката и на архитектурата.
Студентката Алмина Алиловиќ беше наградена за покажана хуманост и за спасување човечки живот, а учениците Ева Карамановска и Марко Наумовски добија награда за континуирани успешни постигнувања во наставните и во активностите надвор од наставата.
Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и на правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштита и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.
Признанијата се доделени по пат на тајно гласање, кое беше спроведено од комисија што ја именува одборот за доделување на наградите, а членовите се Бранко Цветкоски, д-р Стојан Киселиновски, д-р Марко Китевски, д-р Михаил Груневски, Никола Фиданоски, Авни Халими, Петар Гичаровски, Санде Стојчевски, д-р Изаим Муртезани, д-р Скендер Асани и проф. д-р Људмил Спасов.