Гоу Грин: Со новиот Закон за урбанизам ќе се уништат јавните простори

Невладината „Гоу Грин“ изразува загриженост за најновата предлог-измена на Законот за урбанизам која се носи по брза постапка, без соодветна јавна дебата и учество на засегнатите граѓани и граѓанскиот сектор

Фото: Мета.мк

Невладината „Гоу Грин“ изразува загриженост за најновата предлог-измена на Законот за урбанизам која се носи по брза постапка, без соодветна јавна дебата и учество на засегнатите граѓани и граѓанскиот сектор. Оваа промена, според Гоу Грин, не само што го исклучува гласот на јавноста, туку и претставува закана за нашето јавно добро.

„Со оваа измена, ќе се овозможи уништување на јавни простори и непочитување на постоечките квалитетни законски решенија. Дополнително, изградбата на гаражи за автомобили ќе го зголеми бројот на возила на улиците, наместо да се поттикне користење на алтернативни и еколошки превозни средства. Сметаме дека ваквиот пристап не е во интерес на граѓаните и околината и се надеваме дека оваа измена на закон нема да биде изгласана“, велат од Гоу Грин.

Оттаму додаваат дека ако навистина министерот за транспорт Александар Николоски сака да прави промени на законите, треба да се фокусира на подобрување на велосипедската и пешачката инфраструктура.

„Овие промени треба да се спроведуваат со унифициран и универзален дизајн, што ќе го олесни користењето на алтернативни превозни средства и ќе придонесе за почист и попријатен град за сите нас“, се вели во соопштението на Гоу Грин.

Од Министерството за транспорт предводено од Александар Николоски, веќе изјавија дека основна цел на законот е поедноставување на постапките за одобрување на урбанистички планови за изградба на објекти од јавен интерес како што се градинки, училишта, болници, други објекти за социјална и здравствена заштита, но и катни гаражи.

„Сметаме дека тоа е недопустливо поради немањето законска рамка, општините и државата нема да можат да ги реализираат развојните програми и реализацијата на капиталните проекти ќе траат со години, дури и децении. Во тој контекст, би сакале да нагласиме дека во постапките се блокирани околу 600 урбанистички планови, што го доведе во прашање нивното одобрување и реализација на капиталните инвестиции”, изјавија од Министерството за транспорт.

На ова, веќе реагираа и од О2 иницијативата. Според нив, промената на законот ја отвора вратата за урбанистички хаос.

„Она што се посакува е да се гради без план, само со проект, без да се прашаат граѓаните кои живеат таму дали се согласуваат со локацијата, висината на градбата или не, без јавна анкета и без право на Советот да одлучува по пат на гласање. Ова е отворена врата за анархија и хаос, тоа не смее да се дозволи. Да поедноставиме сè, да го укинеме урбанистичкото планирање и секој да гради каде што сака, како што сака, колку што сака. Не може под изговорот на „јавен интерес„ да се се прави урбанистички градежен хаос“, изјавија од Иницијатива O2.

Реакциите се и дека ваков закон не треба да се носи по скратена постапка, без констулација со експерти и за време на летните одмори.