Големо жариште на Серта – делуваат припадници на АРМ, МВР и ДЗС

Фото: ЦУК

На територија на државата денес има девет активни шумски пожари и пожари на отворено, а гаснењето на пожарот кај Јасен е отежнато поради непристапниот терен во околината на селата Тажево и Брезница во Општина Македонски Брод, информираат од центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарот на планината Серта повторно е активен. Стојанче Ангелов, директорот на центарот за управување со кризи истакна дека од левата страна на планината Серта има уште две жаришта, едното над штипското село Пухче, а второтo во неготинскиот дел.

Тој најави дека во текот денот ќе бидат ангажирани сите хеликоптери и авиони за ставање на пожарот под контрола од Пенуш до Криволак.

Вкупно на територијата на државата ангажирани се 150 припадници на Армијата, 30-тина припадници на МВР, како и 40 припадници на ДЗС. Засега во гаснењето на пожарите, како што изјави Ангелов, дејствуваат само наши летала, односно двата „ер трактори“ на ДЗС, два хеликоптери на МВР, како и два хеликоптери на Армијата.