Гимназијалката Ана Котевска ни донесе златен медал од Интернационалната олимпијада по германски јазик

Осум дена, над 100 ученици од над 60 земји се натпреваруваа за титулата најдобар ученик по германски јазик во светот

Фото: Ангелина Димоска

Aна Котевска, ученичка во специјалната германска паралелка во гимназијата ,,Јосип Броз Тито“ во Скопје е овогодинешна победничка на Интернационалната oлимпијада по германски јазик „ИДО 2024“. Олимпијадата се одржа минатата недела во градот Гетинген во Германија.

Златната медала ја освои во категоријата на натпреварувачи на Б2 ниво. Среќното прво место на јазичните нивоа Б2,А2 и Б3 таа го сподели со Махек Кан од Бангладеш и Рајона Иброхимова од Узбекистан. На Интернационалната олимпијада по германски јазик, покрај Котевска учествуваше и Марија Стефановска, идна ученичка во прва година во гимназијата „Јосип Броз Тито“.

Фото: Ангелина Димоска

Менторка на Котевска и беше професорката Кристина Клиафа – Трпеска, класна раководителка и професорка по германски јазик во гимназијата „Јосип Броз Тито“, а на патувањето во Германија ја придружуваше професорката Габриела Темелкоска, претседателка на Здружението на германисти во Македонија.

Осум дена, над 100 ученици од над 60 земји се натпреваруваа за титулата најдобар ученик по германски јазик во светот. Победниците од националните прелиминарни рунди беа на возраст од 14 до 17 години. Олимпијадата се реализираше во соработка со „Гете институт“.