Германија од декември ја зголемува патарината за камиони

Германскиот парламент во петокот го усвои измените на Законот за патарина, со кои од декември се воведува дополнителна такса за јаглерод диоксид, а од јули идната година оваа обврска се воведува и за лесните камиони со носивост поголема од 3,5 тони

Фото: Jan Baborák on Unsplash

Германија планира да ја прошири наплатата на патарина за товарните возила и од ова очекува дополнителни 30 милијарди евра за одржување и развој на патната, но и на железничката мрежа, јавува германската новинска агенција ДПА.

Германскиот парламент во петокот го усвои измените на Законот за патарина, со кои од декември се воведува дополнителна такса за јаглерод диоксид, а од јули идната година оваа обврска се воведува и за лесните камиони со носивост поголема од 3,5 тони.

Ваква такса во моментов плаќаат единствено возила со носивост поголема од 7,5 тони.

Покрај тоа, усвоените прописи ја менуваат и намената на средствата, односно дел од парите за патарина ќе одат и во сојузниот буџет за вложување во германската железничка мрежа.

Буџетот на федерацијата вообичаено ги собира околу половина од приходите за патарина. Оваа година за одржување на патната мрежа во буџетот ќе се инкасираат околу осум милијарди.

Во Германија наплатата на патарина за товарни возила беше фазно воведена во 2005 година. Проектот на претходните германски влади да воведат патарина и за патнички возила пропадна во 2019 година поради судирот со европското законодавство.