Филипче: Згрешивме со измените во Кривичниот законик

Не е доволно да кажеме дека сме згрешиле. Еве одиме чекор понатаму таа грешка да ја исправиме, рече лидерот на СДСМ, порачувајќи дека е време да се донесе нов Кривичен законик

фото: СДСМ

Новиот лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, изјави дека згрешиле со измените во Кривичниот законик, што доведоа до намалување или застарување на казните за голем број функционери обвинети за разни злоупотреби.

По реакциите во јавноста и од меѓународните организации, Филипче на денешниот брифинг со новинарите кажа дека е време да се донесе нов Кривичен законик, кој неколку години стои изготвен и чуван во Министерството за правда.

„Мора да бидеме чесни и да признаеме дека згрешивме со измената во Кривичниот законик. Меѓутоа, истовремено, имаме соработка со меѓународните институции со коишто се донесени дваесеттина закони, поддржани и од Венецијанската комисија. Сметам дека треба да продолжиме по патот на имплементација на реформи во правосудството со поддршка на меѓународната заедница“, рече Филипче.

Лидерот на СДСМ кажа дека Кривичниот законик бил почнат во 2017 година, кога министерка за правда беше Рената Десковска.

„Тој е готов, завршен. Апелирам Владата да го стави на јавна расправа. Тој нов Кривичен законик е направен целосно во координација со меѓународните институции, по примерот на Кривичниот закон во Германија и сметам дека што поскоро треба да биде на јавна расправа, да го разгледаат експерти, да го кажат своето мислење, да се вклучи стручната фела и заедно со консензус да донесеме еден нов, каков што доликува, Кривичен законик“, изјави Филипче.

„Не е доволно да кажеме дека сме згрешиле. Еве одиме чекор понатаму таа грешка да ја исправиме на овој начин“, додаде лидерот на СДСМ.

На денешниот брифинг со новинарите, Филипче ги коментираше случувањата во партијата по преземањето на лидерската функција во СДСМ. Тој рече дека партијата успеала да ја надмине кризата од изборите и сега е „функционална“.

Најави нова партиска стратегија и таканаречен „Блупринт за социјалдемократијата“ преку кој СДСМ ќе се ребрендира и модернизира.

Коментирајќи ја изјавата на опозицискиот лидер, премиерот Христијан Мицкоски рече дека не е против нов Кривичен законик, но упати прашање до Филипче за тоа што ќе се прави со делата кои застареле и за кои граѓаните бараат отштета.

„Ајде по ред да одиме, да почнеме со тезата дека сработиле нов Кривичен законик. Што правиме со оние дела застареа и за коишто вие граѓаните плаќате оштета затоа што тие дела застареа. Ќе вратат ли од украдените пари коишто ги крадеа овие 7 години, бидејќи имате сега дела коишто застареа и врз основа на тоа тие бараат оштета и добиваат од Буџетот на државата. Тоа се милиони евра. Тоа се ваши пари. Еве нека извадат од џеб, нека продадат дел од својот имот, а богами го имаат, голем е имотот на поранешните функционери од СДСМ и нека вратат во Буџетот“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека ќе биде донесен нов закон во согласност со европските закони, а не, како што рече, „како што на некому му треба“.

Речиси 200 обвинети функционери се засегнати од измените во Кривичниот законик