ЕУ воведе санкции кон Русија поради смртта на Навални

Станува збор за двоцифрена бројка на луѓе на кои повеќе нема да им биде дозволено да патуваат во ЕУ, ниту да работат, а ќе им бидат замрзнати имотот и парите

Фото: Guallendra, CC0, via Wikimedia Commons

Вчера Европската Унија одговори на смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални со нови санкции, јавува ДПА повикувајќи се на дипломатски извори.

Санкциите претходно ги најави шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок. Правната основа за мерките е сериозно кршење на човековите права.

Според извештајот, министрите за надворешни работи на земјите-членки на состанокот во Брисел се договориле да воведар санкции против претставници на рускиот правосуден систем.

Изворите наведуваат дека станува збор за двоцифрена бројка на луѓе на кои повеќе нема да им биде дозволено да патуваат во ЕУ, ниту да работат, а ќе им бидат замрзнати имотот и парите.

Навални беше осуден на долга затворска казна во Русија, но почина во сибирски затвор кон средината на февруари.

Околностите за неговата смрт сè уште не се разјаснети. Според официјалниот извештај на руските власти, 47-годишниот дисидент колабирал и починал и покрај обидите за реанимација.

Германија и другите 26 членки на ЕУ го обвинуваат претседателот Владимир Путин и неговата влада за смртта на Навални.

Минатиот месец, по повод втората годишнина од рускиот напад на Украина, ЕУ веќе усвои санкции против 106 лица и 88 институции кои ја поддржаа војната.

Широките трговски мерки, како што се забраните за купување на руска нафта, јаглен, челик, злато и луксузни стоки, санкции против банки и финансиски институции и извоз на технологија се во сила веќе подолго време.