ЕСМ ги започна подготовките за следната грејна сезона

Од ЕСМ информираат дека во моментов РЕК Битола работи со три блока, додека редовен ремонт се врши и во ТЕЦ Неготино

РЕК Битола / фото: Електрани на Северна Македонија

АД ЕСМ ги започна подготовките за следната грејна сезона, информираа од АД Електрани на Северна Македонија. Во наредните неколку месеци ќе се прават ремонти во сите производствени капацитети за зголемувањето на нивната доверливост со цел, како што велат, компанијата да ги произведе потребните количини електрична енергија.

Од ЕСМ информираат дека во моментов во РЕК Битола работат три блока, додека редовен ремонт се прави и во ТЕЦ Неготино.

„Во моментов, РЕК Битола работи со три блока. Во текот на летните месеци ќе се извршат ремонти на Блок 1 и Блок 2, а ремонтните активности на Блок 3 се веќе завршени. ТЕЦ Неготино е, исто така, во редовни ремонтни активности. Овој капацитет кој не работеше 12 години и служеше како ладна резерва, минатата сезона 2022/20223 беше ставен во функција за рекордно време и даде голем придонес во надминување на енергетската криза што ја погоди земјава, како и цела Европа“, велат од АД ЕСМ, од каде додаваат оти навремената подготовка на сите капацитети е клучна за непрекинато, сигурно и зголемено производство на електрична енергија.