До каде сме со грижата за животната средина: Ќе научиме ли во 2023 дека ѓубрето се фрла в канта

Ѓубре во реката Треска кај СРЦ „Сарај“; Фото: Мета.мк

Чистењето на малата депонија со линдан на ОХИС е една од најважните еколошки активности која ја одбележа 2022 година, а годинава што изминува ќе ја памтиме и по мала, но значајна, победа на екологијата врз бизнисот, поништувањето на концесиите за мали хидроцентрали на Шара. Сепак, заштитата на природата и понатаму не ни е силна страна, а тоа најдобро се гледа преку фактот дека овие енергетски објекти се предвидени и во Националниот парк Маврово. Примерот на Охридскиот Регион, пак, нашето најголемо природно и културно богатство, заштитено од УНЕСКО, е уникатен. За жал, и во 2022 година нема никаков прогрес во намалувањето на урбаната и крајбрежната трансформација, откако Бернската конвенција отвори случај против земјава за заканите врз Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица.

За одбележување во оваа ретроспектива на годината што изминува е и отсуството на третман на сите други историски жешки точки кои ни се закануваат. Југохром и шестовалентниот хром се на истото место како и лани, исто и Лојане и арсенот, ХИВ Велес и гипсот… Топилницата во Велес иако има концесионер за извоз на згурата веќе три години не се помести од мртва точка.

Но, загадувањето во земјава не е само историско. Енергетската криза и високите цени на електричната енергија во 2022 година „од мртвите“ извадија два капацитети, ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Осломеј, кои зимава работат турбо и нè спасуваат од мрзнење. По цена на здравјето, секако, но неа ќе ја платиме дополнително.

Прашањето на загадениот воздух е вечна реалност, актуелна и во годинава што изминува. Една од ретките добри вести на ова поле годинава беше зголемувањето на максималната инсталирана моќност на шест киловати и олеснувањето на процедурата за поставување на фотоволтаици за домаќинства и бизниси. Сепак, иако е јасно дека мора сериозно да се свртиме кон алтернативните извори на енергија, условите за овој тип инвестиција и понатаму се многу далечни за најголемиот дел од семејствата во земјава.

Централната лабораторија на министерството и годинава не се акредитираше за методи со кои ќе се следи квалитетот на воздухот. Законот за климатска акција, кој треба да овозможи ниско-јаглероден развој и отпорност на климатската криза, требаше да се донесе во 2020, па во 2021, но не е завршен ниту во 2022 година.

Светол пример во 2022, што заслужува восхит во едно општество, поделено по политичка, етничка, социјална, културолошка и уште кој знае каква основа, е заедништвото и сплотеноста на граѓаните на југоистокот во нивната борба против рудникот Иловица-Штука. За нив вистинското злато е чистата земја, недопрената природа и органската храна, а не металот, кој по начинот на кој се ископува и последиците што ги остава по околината, ниту оддалеку не е благороден.

Она што останува како надеж за 2023, а можеби и за понатаму, е дека животната средина ќе биде барем едно скалило повисоко на скалата на политичарите. Во годината која ја очекуваме веруваме дека сме чекор поблиску до регионалните центри за отпад, за кои неодамна беше донесен закон за обезбедување на финансии преку ЕБОР.

За жал, засега не сме поблиску до пречистителната станица за третман на отпадни води на Скопје. Министерот за животна средина Насер Нуредини на една средба со новинарите потенцираше една болна реалност: „Ако немаме пречистителна станица за Скопје, никогаш нема да влеземе во Европска Унија“. Она што и Нуредини го знае, а и сите ние, е фактот дека листата еколошки причини зошто ние нема да влеземе во ЕУ е многу подолга.

Политичарите во 2023 година ќе мора посериозно да се посветат на инвестициите во животната средина. Ќе треба да се справат со климатските промени и обврските што сме ги преземале, да работат на напуштање на фосилните горива, да изнајдат мерки што вистиски ќе го подобрат воздухот, да ги заштитат почвите и водите, биодиверзитетот и природата, да воспостават вистински систем за селекција на отпадот. На Охрид мораат да му го вратат достоинството, да ги активираат инспекциските служби, да го спречат еколошкиот криминал, а труењето и убивањето диви животни да добие и некоја судска пресуда…

Можат да почнат од каде сакаат, сè е најважно.

А и за нас граѓаните има работа, ние мора да почнеме од основите и да научиме дека ѓубрето се фрла в канта, а не во природа!