ДИК заглави во изборот на независни експерти

Партиите имаат проблем да се договорат за имињата на експертите кои треба да седнат на столчињата во Државната изборна комисија. Како што дознава „Мета“, сите членови – експерти за кои досега се разговарало, биле блиски или до власта или до опозицијата, што го ставало во прашање работењето и непристрасноста на комисијата.

Од извори блиски до преговарачите дознаваме дека партиите лобирале кај експертите кои досега се пријавени за да ги придобијат на своја страна.

Според Договорот од Пржино, експертите треба да бидат прифатливи за сите политички партии што го потпишаа овој договор.

Како што брифираат извори од преговарачките групи, проблемот со експертите се јавува затоа што со новиот Изборен закон договорен на средбите на работните групи, надлежностите на ДИК се зголемени. Освен одлуките што ДИК ќе треба да ги носи за време на изборите, комисијата има надлежност да одлучува и за ветата на дополнителните министри и заменици-министри поставени во неколку министерства.

Партиите своите членови на ДИК ги предложија уште минатата недела. Виолета Дума, која и сега е актуелен член на ДИК, и Игор Милев се предлози на СДСМ, Силана Бонева и Сашо Срцев, исто така актуелен член на ДИК, се предлози на ВМРО-ДПМНЕ. Субхи Јакупи од ДУИ и Бедредин Ибраими од ДПА се, исто така, актуелни членови на највисокото изборно тело во државата.

Во составот на ДИК има девет члена, тројца предложени од позицијата, тројца предложени и поддржани од опозицијата и тројца членови од редот на експертите.