Џафери – Баша: Опозицијата да учествува во градење на здраво демократско општество

Претседателот на Собранието, Талат Џафери се сретна со претседателот на најголемата опозициска партија во Албанија, Љуљзим Баша, и пратениците во нејзин состав. Баша нагласил дека Демократската партија на Албанија (ДПА) е силен поддржувач на Македонија во однос на евроатланските интеграции.

Џафери истакнал дека „од особена важност е негувањето на добрососедските односи со пријателска Албанија, бидејќи двете земји споделуваат заеднички интереси“.

„Што се однесува до улогата на опозицијата, на средбата се истакна дека таа треба да биде конструктивна и да делува во насока на градење на здраво демократско општество каде слободата на изразување е неприкосновено право на секој поединец“, се вели во соопштението на собраниските служби.

Џафери, денеска се сретна и со претседателот на Собранието на Република Албанија, Грамоз Ручи, како и со претседателот на Албанија, Илир Мета.