Официјалната канцеларија и резиденција на премиерот на Албанија во центарот на Тирана; Фото: Бојан Блажевски

Со длабока политичка поделба и анимозитет меѓу главните лидери на партиите, во Албанија денеска се одржуваат деветтите по ред парламентарни избори по падот на комунизмот. Околу 3,6 милиони гласачи од земјата и од дијаспората треба да изберат 140 пратеници во албанскиот парламент од предложените над 1.800 кандидати што се пријавиле за изборната трка, јавува Дојче Веле.

Главната битка и на овие избори ќе се води помеѓу Социјалистичката партија на постојниот премиер Еди Рама и Демократската партија на Љуљзим Баша. Рама се надева дека ќе го добие третиот мандат од граѓаните за да формира влада, додека опозицискиот лидер Баша е сигурен дека со овие избори ќе го прекине долгогодишното владеење на социјалистите во земјата. Како трета политичка сила во земјата, е партијата Движење за социјалистичка интеграција на Моника Круемади, сопруга на албанскиот претседател Илир Мета, која има потпишано договор за постизборна коалиција со партијата на Баша.

Изборната кампања меѓу главните политички ривали беше жестока, а тензичната атмосфера пред самиот крај на кампањата ја зголеми убиството на активист на Социјалистичката партија на Албанија при судир на приврзаниците на двете главни партии во Елбасан. Речиси 7.200 припадници на полициските сили се ангажирани во текот на денешниот ден за да се одржат безбедни парламентарни избори. Изборниот процес ќе го набљудуваат набљудувачи на ЕУ, САД и ОБСЕ/ОДИХР.

Предизборните анкети предвидуваат тесна изборна трка меѓу социјалистите на Рама и демократите на Баша, при што најголем дел од анкетите предност и даваат на Социјалистичката партија. Анкетата направена од МРБ и Јуроњуз Албанија во првата половина на април, покажува дека за социјалистите на Рама би гласале 43 отсто, додека за демократите на Баша се изјасниле 36,8 отсто од испитаниците. Анкетата пак спроведена од ИПСОС и Топ Ченел покажува дека за партијата на Рама би гласале 48,1 отсто од гласачите, додека демократите на Баша би добиле 43,6 отсто од гласовите.