Деветнаесет пожарникари работеле на санирање на штетите од невремето во Неготино

Фото: Колаж од фотографии споделени на фејсбук од Memed Sax Divjachev i Daniel Grkov

Деветнаесет пожарникари работеле синоќа до 23 часот на санирање на штетите од невремето во Неготино, кое беше проследено со силен ветер и поројни дождови.

„Општина Неготино, од 16:10 до 16:30 часот, беше зафатена од силен ветер и поројни врнежи од дожд, се направени штети, паднати дрва, кровови од куќи и гаражи, паднати бандери, паднати фолии на земјоделци и слично. За санирање на штети на терен биле ангажирани 13 пожарникари со три ПП возила од ТППЕ Неготино и шест пожарникари со 2ПП возила и две пумпи за испумпување на вода од ТППЕ Кавадарци“, информира утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Денеска ќе се утврдуваат штетите на објектите и кај земјоделските култури. Вчера повеќе неготинци апелираа за помош и пријавија штети од невремето. Во градот има искорнати дрвја, паднати бандери, оштетени кровови од куќи и поплавени домови.

„Нашите информации велат дека вакво нешто одамна се нема случено во Неготино. Тешки последици предизвикало невремето кое траело само дваесетина минути. Било со огромна јачина и двапати го менувало правецот. Северно, па југозападно и пак северно. Со себе носело делови од кровни конструкции, дрвја, бандери со ниско напонски дел и жици, уништени и однесени биле лимени и пластични конструкции. Само уште пет до десет минути да потраело невремето, не дај Боже, би било вистинска катастрофа за Неготино“, рече Горан Стојановски, раководител на Сектор за операции и координација при ЦУК, додавајќи дека невремето личело на торнадо.