Десничарските популистички партии ја загрозуваат борбата со климатските промени, открива нова студија

Фото: Luo Lei on Unsplash

Нова студија направена од универзитетите во Сасекс и Ворвик утврдила дека десничарските популистички партии низ светот го загрозуваат спроведувањето на борбата со климатските промени, пренесува весникот Гардијан.

Истражувачите откриле дека, на пример, политичарите кои повикуваа на Брегзит во Обединетото Кралство сега се истите кои притискаат против нултите емисии на стакленички гасови во услови на кризата поврзана со растечките трошоци за живот.

Студијата ги разгледала политиките на повеќе од 25 земји во период од повеќе од една деценија. Истражувачите создале Индекс на климатска политика и го споредиле со раководењето на владите што припаѓаат на десниот центар. Тие открија дека комбинираниот ефект од присуството на десничарска популистичка партија во парламентот и во владата е поврзано со намалување на Индексот на климатската политика од околу 25 отсто во просек.

Но, додека десничарските популистички партии имале негативно влијание врз климатската политика насекаде, во случаите на членство на земјите во ЕУ и земјите каде што се присутни пропорционалните изборни системи, ваквиот ефект бил намален.

Авторите на студијата, д-р Метју и Бен Локвуд, напишале дека спротивно на ова, во земјите со мнозински изборни системи, кога десничарските популистички партии влегуваат во владата, тогаш тие имаат многу поголемо влијание врз климатската политика.

Истражувачите како примери на десничарски популисти кои ја менуваат климатската политика ги посочиле Доналд Трамп, кој ги повлече САД од Парискиот договор и даде поддршка за јагленот. Во Австралија, Тони Абот ја укина цената на јаглеродот во таа земја.

Како други негативни примери кога во земјите имало повлекување на климатските политики за намалување на емисиите на стакленички гасови, студијата го посочува и случајот со Холандија во 2010 година, кога популистичката и скептична партија кон климата ПВВ го освоила својот најдобар изборен резултат до тогаш и влегла како помал коалициски партнер во владата предводена од десниот центар.

„Обемот и амбициите за намалување на емисиите на стакленички гасови и целите за обновлива енергија поставени од претходната влада беа намалени, а постепеното исфрлање на јаглен остана надвор од агендата“, се наведува за случајот во Холандија.

Слични случаи за повлекување од обврските зацртани со климатската политика се случиле и во Норвешка во 2013 година, Данска во 2015 година, Полска во 2015 година и Австрија во 2017 година.

Во Норвешка, претходните коалициски влади на левиот центар имале амбициозна климатска политика, но по 2013 година повторно биле намалени целите за намалување на емисиите и обновливите извори на енергија. Тамошната партија Прогрес го презела Министерството за нафта и енергија и издала нови дозволи за дупчење нафта, вклучително и на Арктикот.