Демократски сојуз бара анкетна комисија за случајот на Томислав Кежаровски

Демократскиот сојуз денеска соопшти дека ќе иницира постапка за формирање анкетна комисија во Собранието за случајот со новинарот Томислав Кежаровски, кој со првостепена пресуда во октомври 20013 година е осуден на четири и полгодишна казна затвор во случајот „Ликвидација“ и сè уште ја очекува одлуката на Апелацискиот суд по жалбата на пресудата, пренесува порталот „Нова тв“.

„Демократскиот сојуз смета дека обвинението е засновано на докази обезбедени преку кршење закони и во спротивност со Законот за кривична постапка и врз такви докази не може да опстои обвинение. Против Томислав Кежаровски има обвинение дека објавил податоци за заштитен сведок, за кој се покажа дека ниту видел, ниту слушнал кој го нарачал, ниту кој го извршил убиството во село Ореше“, соопштиле од партијата, пренесува порталот.

Од овие причини партијата смета дека е потребно да се формира анкетна комисија, која ќе ги разгледа сите аспекти на случајот и ќе предложи постапка за утврдување на одговорност.