Четврт ден на „МакеДокс“: мастерклас од европски режисери и студентски филмови

Активностите на фестивалот вчера вклучуваа мастерклас со Инеке Смитс и Јероен Стаут со наслов „Звуци и слики од втора рака“ во „Лабораториум“, како и прикажување на македонски студентски филмови во Сули ан

Фото: Македокс

Петнаесеттото издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој беше свечено отворен на 15 август, а ќе трае до 22 август, продолжува со својата богата програма.

Меѓу повпечатливите активностите од четвртиот ден од фестивалот се мастерклас одржан од филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут со наслов „Звуци и слики од втора рака“ и проекцијата на студентски филмови од македонски режисери.

На мастеркласот, Стаут многу пластично објасни што значи снимањето звук, значењето на архивираните звуци и можностите за пренесување звук на големи далечини. Тој направи паралела на времето кога биле измислени телеграфот и радиото со нашето време.

„Појавата на радиото како алатка за пренос на звук на големи далечини пред околу 120 години не било само нов технички изум, туку претставувало сосема нова фаза во технолошкиот развој на човековата цивилизација, воопшто. Влијанието на радиото врз луѓето е значајно и ден-денес, иако новата технолошка фаза од појавата на Интернетот и социјалните медиуми многу го промени односот и можностите за пренос на звук во денешното време“, велат од „МакеДокс“.

Во објектот Сули ан, пак, беа прикажани студентските филмови „Танцување со Камара“ на Сандра Ѓоргиева, „Во минување“ на Луција Бркиќ и „Животот на даската“ на Леона Јариќ. Филмот „Танцување со Камара“ на Сандра Ѓоргиева следи дел од активностите на кореографката Катарина Камара, која е вклучена во социјален проект за рехабилитација на затворениците преку давање часови по современ танц. Филмот „Во минување“ на Луција Бркиќ прикажува еден работен ден на активистката за човекови права Тинка во Риека, која им помага на мигранти од Блискиот Исток да го продолжат својот пат кон Западна Европа. Со „Животот на даската“ на Леона Јариќ се прикажани бескомпромисната љубов и посветеност на младиот Тими кон скејтањето.

Фото: МакеДокс

На платото пред Музеј на Македонија, на 18 август, беше прикажан документарниот филм „Сјајот на ѕвездата“ на Марија Џиџева за борецот Шабан Сејдиу, еден од најуспешните спротисти во Македонија. На проекцијата беа присутни режисерката Џиџева и Сејдиу, кои пред публиката на „МакеДокс“ истакнаа дека се задоволни од финалниот резултат претставен преку краткиот документарен филм.

Денес на програмата е документарниот филм „Градина“, кој ќе се проектира на Плато пред Музеј на Македонија, во 20.30 часот.

„По триесет и пет години градинарење на ненаселено јавно земјиште во близина на реката Вардар, последните герила-градинари во Скопје се соочени со иселување. Како што се шири градот, тие се принудени да бараат друго земјиште“, велат од „Македокс“ за филмот „Градина“.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“, а може да се симне и апликација за фестивалот.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Петнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РСМ, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура на РСМ, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Франција, Францускиот институт, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“.