Царина заплени 7.800 евра – македонски државјанин сакал нелегално да ги изнесе од државата

На прашањето на царинските инспектори дали има нешто да пријави, одговорил дека нема ништо, при што била извршена контрола на возилото, а во неговата ташна биле пронајдени вкупно 9.800 евра

фото: Царинска управа

Царинската управа спречила нелегален износ на девизи на граничниот премин Блаце, во износ од 7.800 евра, откако при контрола на патник откриле поголема сума непријавени девизи.

Од Царина информираа дека лицето е македонски државјанин кој патувал со автомобил со чешки регистарски таблички. На прашањето на царинските инспектори дали има нешто да пријави, одговорил дека нема ништо, при што била извршена контрола на возилото, а во неговата ташна биле пронајдени вкупно 9.800 евра.

Согласно Законот за девизно работење, на патникот му се вратени 2.000 евра – износ што македонските државјани можат да го изнесат од државата без да го пријават. Останатите 7.800 евра биле задржани.

Против лицето е поднесена пријава за девизен прекршок.

Од Царинската управа потсетуваат дека, при излез од државата, граѓаните можат да носат ефективни странски пари во износ од две илјади евра по лице. Доколку изнесуваат девизи над овој износ, граѓаните се должни да ги пријават на царинскиот орган со презентирање на потврда од банка или менувачница. Не е дозволено да се изнесуваат девизи во вредност од над десет илјади евра.