Претседателот Пендаровски и доделува Орден за воени заслуги на полковник Ирена Минева, командант на Баталјонот за воено-медицинска поддршка
Претседателот Пендаровски и доделува Орден за воени заслуги на полковник Ирена Минева, командант на Баталјонот за воено-медицинска поддршка

Армијата денеска го прославува својот 28 роденден, прв пат како членка на НАТО, но и прв пат борејќи се со пандемија. Меѓу „подароците“ за годинешниот роденден, покрај членството во Северноатлантската алијанса, АРМ добива нови мисии на Косово и во Централноафриканската Република, можност да биде домаќин на командата на Мултинационалната бригада на Југоисточна Европа (СИБРИГ), и нови оклопни возила и опрема.

– Членството во НАТО ја крева на многу повисок степен и одговорноста на армијата. Од март оваа година, нашата униформа и име се нераскинлив дел од оваа глобална алијанса. Затоа мораме да продолжиме да инвестираме во одбраната, да ја модернизираме и опремуваме армијата и затоа секогаш ќе ја имате мојата лична поддршка. Мојата врвна политичка заложба, како врховен командант, а тоа го очекувам и од новата влада, е во следните години да ја оствариме зацртаната цел за вложување на најмалку два проценти од БНП во модернизација и развој на армијата. Оваа заложба, заедно со новата влада и новиот парламент ќе ја актуелизираме особено во пресрет на подготовките на буџетот за следната година – нагласи претседателот Стево Пендаровски, врховен командант на вооружените сили, на централната свеченост по повод Денот на Армијата.

Армијата ја очекува испораката на првите од вкупно 32 повеќенаменски лесни оклопни возила од американската фирма „Ошкош“. Тоа е прва од неколку планирани набавки на повеќенаменски оклопни возила во договор со САД, кој делумно е покриен со американска воена помош.

За опремување и модернизација на Армијата денеска се заложија и Пендаровски, и министерката Радмила Шекеринска, но и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски.

– Верувам и посакувам да се обезбедат стабилни ресурси и фондови, да продолжиме според планираното, без значајни промени и ревизии на проектите и плановите, рече генерал-полковник Ѓурчиновски.

Војската ја очекуваат и нови мисии – една во соседството, друга, поегзотична, во Африка.

Неспорен е континуитетот на нашето учество во операции предводени од НАТО, ЕУ и Обединетите нации, спомена Пендаровски во својот говор, а министерката Шекеринска наговести и малку повеќе:

– По учеството во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, која веќе се намалува и по обем, и по бројност, се враќаме во нашиот регион. Се подготвуваме нашиот придонес да го насочиме и кон регионалната безбедност и стабилност преку учество во мисијата КФОР на Косово. Нашата должност ја покажуваме и кон втората цел, членството во Европската унија, со наша прва иницијатива за учество во втора ЕУ мисија, мисијата во Централноафриканската Република. Продолжуваме да бидеме присутни и во Босна, и во Либан, рече Шекеринска.

Македонската војска најверојатно ќе учествува во мисијата КФОР со штабни офицери, но се разгледува и моќно учество со еден вод, за кој сеуште не е одлучено лкаде би бил стациониран. Инаку, Македонија учествува во мисијата КФОР од нејзиниот почеток, прво како земја-домаќин на штабот и логистиката на мисијата, а потоа и како носител на заднинскиот штаб на КФОР.

Мисијата во Централноафриканската Република е под закрила на Европската унија, а во моментов носител е Франција, чија главна мисија е обука на вооружените сили на земјата.

На денешната свеченост беше истакната и поддршката што Македонија ја доби од НАТО за справување со пандемијата, а претседателот Пендаровски за напорите во сузбивање на пандемијата ги одликува со Орден за воени заслуги 3. баталјон од Првата механизирана пешадиска бригада, за поддршката во општините Дебар и Центар Жупа, Баталјонот за воено-медицинска поддршка за опслужување на теренската воена болница и за помош со персонал во Градската општа болница, и Канцеларијата на Амбасадата на САД за соработка во одбраната.