Со почетокот на процесот на уставни измени се отвара патот за почнување на преговорите на Македонија за членство во Европската унија, кои според најавите би требало да почнат следната година.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на дебатниот форум одржан во организација на Институтот за бизнис и менаџмент „Хајделберг“ го презентира нејзиното видување за влијанието на евроинтегративниот процес врз нашата земја.
Според неа, има два аспекти на ова прашање. Првиот аспект е како би можело членството да влијае врз економијата во целина, а со тоа и со какви предизвици би можеле да се соочиме како еден од носителите на макроекономските политики. Вториот аспект го задира прашањето на ефектите од членство во монетарната унија, бидејќи економската интеграција е чекор кон монетарната интеграција и усвојувањето на еврото како единствена валута.
Во однос на првиот аспект, таа вели дека најверојатно најдобриот начин да се извлечат заклучоци е преку согледување на искуството на другите транзициски економии коишто веќе го поминаа процесот на европска интеграција. Влезот во ЕУ, на кој му претходеше силен бран на структурни и институционални реформи коишто ги зајакнаа фундаментите, значително ја подобри перцепцијата и ја зголеми довербата во овие земји, намалувајќи ги нивните премии за ризик.
„Во некои од овие земји, финансиските текови се насочија во продуктивни сегменти на разменливи добра, доведувајќи до позитивни промени во производната структура, пораст на продуктивноста и конкурентноста, што придонесе за значително забрзување на реалната конвергенција и повисоки нивоа на доход. Но, кај дел од нив странскиот капитал се насочи кон непродуктивни сектори, односно финансиските текови канализирани преку банкарскиот или небанкарскиот сектор доведоа до прекумерно финансирање на личната потрошувачка, т.е. до прегревање на економиите, што предизвика засилени инфлациски и платнобилансни притисоци поткопувајќи ја внатрешната и надворешната рамнотежа и придонесувајќи за значително побавна конвергенција. Ова создаде и предизвици за носителите на политиките, вклучително и за централните банки. Појавата на глобалната криза беше „природна кочница“, а во некои економии и болна корекција на овие неодржливи економски матрици“, објаснува гувернарката.
Таа додава дека имајќи ја предвид структурата и карактеристиките на македонската економија, ЕУ е наша природна економија сидро, со која и тековно имаме релативно висок степен на трговска и финансиска интеграција.
„Повеќе од 70 отсто од нашата вкупна трговска размена е со земјите на ЕУ, банките во странска сопственост главно се од ЕУ, а најголемиот дел од финансиските текови, вклучително и странските директни инвестиции, исто така, потекнуваат од ЕУ. Многу поважно е тоа што овие финансиски текови се во најголем дел насочени кон попродуктивни сегменти ориентирани кон извоз, коишто ги зацврстија фундаментите на економијата, го поттикнаа растот и не придонесоа за инфлациски притисоци или притисоци врз девизните резерви. Овој модел всушност е и најсоодветниот модел на конвергенција и по приклучувањето кон ЕУ“, вели Ангеловска-Бежоска.
Во однос на вториот аспект, таа вели дека пристапувањето во ЕУ за НБРМ автоматски би значело учество во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).
„Ова е од витално значење за идните чекори, бидејќи членството во ЕУ, за мала и отворена економија, со високо ниво на евроизација и фиксен девизен курс, неизбежно ќе наметне потреба од многу сериозни подготовки за усвојување на еврото. За тоа е потребно да се помине таканаречениот „тест-период“, со членство во механизмот на девизни курсеви (МДК) најмалку две години, испорачувајќи стабилна валута, понатаму испорачување на инфлација и долгорочни каматни стапки споредливи со оние во ЕУ и дисциплинирани јавни финансии“, вели гувернерката.
Според нејзе, пристапувањето во ЕУ не само што ќе ги олесни трговијата и финансиите и ќе го олесни движењето на луѓето, туку и ќе ги отвори вратите за постепено придвижување кон единствената валута.
„Придобивките од усвојувањето на еврото се добро познати, особено за земја којашто веќе има фиксен девизен курс, што значи полесна транзиција. Единствената валута ги елиминира валутниот ризик и трансакциските трошоци, а со тоа ја олеснува трговијата на стоки и услуги. Тоа, исто така, може да ги намали трошоците за финансирање, овозможувајќи полесен пристап до финансиите и подобри можности за носење деловни одлуки. Единствената валута и учеството во монетарната унија и обезбедуваат на земјата поддршка во случај на финансиски тешкотии и оневозможен пристап до меѓународните пазари преку т.н. европски механизам за стабилност. Се разбира, усвојувањето единствена валута во принцип значи откажување од можноста за водење сопствена монетарна политика, што самото по себе ја апострофира потребата од синхронизиран економски циклус на нашата земја со ЕУ, со што монетарната политика на ЕЦБ би била соодветна и за нашата економија. Во основа, овој трошок е помал во споредба со придобивките од единствениот пазар и единствената валута, под претпоставка дека сите политики ќе бидат доволно прудентни за да обезбедат здрави основи и стабилност и синхронизираност на економијата“, вели Ангеловска-Бежоска.