Стојанче Ангелов, директор на Центар за управување со кризи, 14 април 2021. Фото: ЦУК

Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) го презентираше конечниот извештај на Комисија за утврдување на правилноста во примената на мапите на работен процес, формирана на 5 април за работењето на РЦУК Кратово, РЦУК Куманово и Дежурниот оперативен центар (ДОЦ) на ЦУК, во врска со спасувањето на настраданиот од мозочен удар и премрзнување 63-годишен жител од високопланинското село Емирица.

Според Ангелов, има мали пропусти во постапувањето, но изворот на проблемите е институционален, а дежурниот оперативец постапил професионално. Ангелов рече дека врз основа на извештајот ќе формира дисциплинска комисија, па Јавното обвинителство ке утврди дали постои кривична одговорност.

„Целиот систем за управување со кризи има слабости, пренатрупани проблеми и систематска слабост, кој ќе биде надмината во наредниот период. Ова е слабост во пишаните процедури“, порача Ангелов.

Комисијата констатирала дека дежурниот оперативец Лупче Крстевски не бил виновен, туку дека станува збор за недоразбирање, кога докторот Павле Зафиров му се јавил за помош да се пренесе премрзнатиот 63-годишен овчар, кој во меѓувреме почина.

Љупчо Крстевски, дежурниот оперативец во ЦУК, човекот што го добил повикот за помош за премрзнатиот овчар изјави дека не добил барање за хеликоптер, ниту од докторот кој што бил на лице место, ниту од директорот на Здравствен дом Кратово.

„Ниту еднаш немам изјавено дека ние не сме надлежни за таа работа“, рече тој.

Ангелов рече дека Крстевски професионално си ја вршел работата, а за 5-6 месеци ќе се отстранат констатираните слабости, со воведувањето на бројот 112.

„Ретко кој го знае бројот 195, иако во иднина бројот 112 ќе се користи за сите служби. Се работи за несовршен систем со слабости, но за пет до шест месеци истите ќе се отстранат. Дежурниот оперативец е лице со преживеана сообраќајна несреќа и има мали деца, а во случајов професионално си ја вршел работата“, рече Ангелов.

Сега починатиот пет часа бил носен на раце низ тешко прооден планински терен за да се спаси неговиот живот. Екипата на Итна помош го пронашла во тешка здравствена состојба, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот, со мозочно крварење. По неколку дена од хоспитализирањето, тој почина во штипската болница.