Андреј Ковачев: Владата на Груевски мора да поднесе оставка

Проблемите на Македонија лежат во владините политики, а не во ставот на Грција, Бугарија или ЕУ, изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за бугарскиот портал „Новините“.

– Тоа што сега се случува во Македонија е резултат на политиките што ги води премиерот Никола Груевски во изминатите 10 години откако е на власт. Европскиот парламент постојано предупредуваше дека земјата се оддалечува од своите ЕУ-перспективи, наместо да се доближува до партнерството – рече Ковачев.

Конзервативната влада на Груевски не успеа да даде јасен одговор на прашањето до кој степен власта и полицијата се вмешани во обвиненијата за преслушување, смета Ковачев. Тој вели дека скандалот со прислушувањето ја поткопа довербата на ЕУ и на НАТО во политиките на кабинетот на Груевски.

– Владата на Груевски мора да понесе одговорност. Мора да биде јасно дека протестите се резултат на неподготвеноста на Владата да се имплементираат препораките на Европскиот парламент (поврзани со извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ-членството) и да се земе пред волјата на македонските граѓани за транспарентност, демократија, поделба на власта и ефикасна борба против корупцијата.

Бугарскиот европратеник вели дека овој проблем не е карактеристичен само за Македонија.

– Многу други земји го имаат проблемов, но, се чини, во Македонија се узурпирани трите функции на власта. Од друга страна, проблемот има и геополитички димензии бидејќи во Скопје, се чини, недостига јасен европски став во врска со настаните што се случуваат во Украина – рече Ковачев.

Сепак, Ковачев одбива да даде свои предвидувања дали протестите ќе успеат да го соборат кабинетот на Груевски, но рече дека би премиерот би требало да поднесе оставка за да се отвори пат за предвремени избори.

– Сепак, изборите треба да се одржат во поинаква средина. Опозицијата треба да добие пристап до медиумите, кои во моментов не се баш слободни – рече Ковачев.

Европарламнетот, вели Ковачев, во никој случај нема намера да се меша во внатрешните работи на Македонија, но инсистира на тоа дека земјата треба да ги спроведе своите препораки за да ги исполни условите за членство во Европската унија.