Анализа на ИДУЕП: Политичарите да сфатат дека социјалните медиуми не постојат само за забава и себепромоција

Ваквата состојба е неопходно да се промени, односно да се стави фокус на избор на професионални тимови за дигитални медиуми во институциите кои ќе креираат дигитален идентитет на секоја јавна институција со предимство на услугите и можностите за граѓаните, компаниите и организациите, а не првичен промотивен ПР за моменталниот јавен функционер

фото: dole777 на Unsplash

Новиот државен врв е присутен на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Твитер. Дополнително, претседателката на државата, претседателот на Собранието, како и премиерот, имаат и свои ТикТок кориснички сметки. Премиерот и собранискиот спикер, пак, имаат свои профили и на мрежата за професионална комуникација и поврзување – Линкдин.

Но, во официјалното дигитално присуство на јавните институции, досега во континуитет се бележи поголемо присуство и посветување на корисничките сметки на функционерите, во однос на јавните институции.

Ова го покажува анализата на Институтот за демократско управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

Во неа се забележува дека 21 од вкупно 24 членови на новиот владин кабинет се активни на најмалку еден социјален медиум, додека истовремено активни на сите три канали (Фејсбук, Инстаграм и Твитер) се премиерот и уште десет министри во Владата.

„Тројца од министрите немаат присуство на ниедна од мрежите, а се забележуваат и кориснички сметки на социјалните мрежи кои сè уште не се отворени за целата јавност“, се вели во анализата.

Од ИДУЕП порачуваат дека е неопходно да се промени состојбата во која јавните функционери бележат поголемо дигитално присуство споредено со она на институциите.

„Ваквата состојба е неопходно да се промени, односно да се стави фокус на избор на професионални тимови за дигитални медиуми во институциите кои ќе креираат дигитален идентитет на секоја јавна институција со предимство на услугите и можностите за граѓаните, компаниите и организациите, а не првичен промотивен ПР за моменталниот јавен функционер/ка“, стои во анализата на Институтот.

Еден месец по изборот на новиот владин состав, речиси сите министерства имаат свои посебни интернет-страници, со исклучок на новоформираните кои, или сè уште немаат креирано своја, или пак користат некоја од постоечките интернет- страници.

Осумнаесет од вкупно дваесет министерства имаат свое дигитално присуство барем на еден социјален медиум, додека официјално Владата е активна со свое веб, како и присуство на сите анализирани социјални мрежи.

„Има многу простор за подобрување и унапредување на начинот на кој институциите и првите луѓе ги користат социјалните медиуми. Сведочиме и на нередовна активност, а некои и воопшто ги нема на овие канали за комуникација. Исто така, кога зборуваме за содржините кои треба да ги објавуваат, важно е да се фокусираат на спецификите на самите социјални мрежи. Пример, потребни се повеќе кратки видеа, содржини кои ги интересираат граѓаните како корисници на услуги, младите итн“, стои во документот.

Дел од услугите кои се промовирани дека се достапни онлајн, не нудат целосно таква можност за граѓаните.

Од друга страна, како позитивен пример се спомнува Министерството за образование и наука (МОН) кое има свој посебен софтвер за е-услуги.

„После повеќе од 15 години од активното користење, важно е политичарите да сфатат дека социјалните медиуми не постојат и не се користат само за забава и себепромоција, туку тие се важен сегмент во општествено политичката двонасочна комуникација. Надминуваме над 90 проценти од нашите граѓани кои се секојдневно активни на интернет и над две третини кои се активни на социјалните мрежи, а бројот на јавни услуги кои можат да се направат онлајн или од мобилен телефон сеуште се бројат речиси на прсти. И ова пропуштено време е неопходно брзо и квалитетно да се надомести“, вели Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП.

Во препораките на анализата стои дека се потребни преглед и објава на сите услуги кои ги даваат јавните институции, како и креирање на јавен план и динамика во чии рамки истите, покрај на хартија и шалтер, ќе бидат достапни и онлајн.

Се препорачува и издвојување на сите позитивни дигитални практики кои даваат резултати и нивна мултипликација во други јавни институции, но и унификација на пристапот и организираноста на сите интернет-страници на јавните институции.

Анализата е изработена од студентот и активист Стефан Атанасовски Трајковиќ, а под менторство на комуникологот и претседател на Институтот, Бојан Кордалов.