Ана Павловска Данева: Правосудните тела не треба колективно да се распуштат

Во врска со рекацијата на Здружението на судиите, зa предметот за платите на судиите и на членовите на Судскиот совет, проф. д-р Данева оценува дека Здружението на судии со неверојатна леснотија изнело политички (наместо правни) квалификации за работата на Уставниот суд

Ана Павловска Данева; Фото: Влада на РСМ

Што значи „длабок рез“ во судството? Носење нови закони, ветинг, реорганизација на судовите? Не мора. Доволно е да се почне со тоа што надлежните органи (Антикорупциска комисија, Управа за јавни приходи, Финансиска полиција, Управа за перење пари) ќе спроведат организирана акција за проверка на потеклото на имотот на судиите, почнувајќи од оние во највисоките судови, па сè до новоизбраните во основните судови.

Ова во интервју за Фактор го изјавила судијата на Уставниот суд проф.д-р Ана Павловска Данева. Според неа, треба да се стават на увид резултатите од редовното и вонредното оценување на судиите кое според најновите правила си го спроведуваат самите судии, повисоките судии ги оценуваат пониските.

„Да се повика Судскиот совет да ја извести јавноста што е преземено во однос на најслабо оценетите судии. И обратно, да се запознае јавноста со судиите кои добиле највисоки оцени за својата работа според квантитативните и квалитативните критериуми по кои биле оценувани”, вели Данева.

За најавите за распуштање на правосудни тела, Павловска Данева смета дека треба да се бара индивидуална одговорност, но не и колективно распуштање. Во врска, пак, со рекацијата на Здружението на судиите во врска со предметот за платите на судиите и на членовите на Судскиот совет, проф. д-р Данева оценува дека Здружението на судии со неверојатна леснотија изнело политички (наместо правни) квалификации за работата на Уставниот суд, кој наводно со одлуката да не ги укине одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите сакал да ѝ се додвори на власта.

„Ваквата изјава најверојатно звучи фино, па дури и „моќно“ за секој судија кој посакува поголема плата за својот труд. Но, она што недостасува се правните аргументи на кои таа би требало да се базира. Одлуката на Уставниот суд се повикува на бројни одлуки на Европскиот суд за човекови права во кои се констатира дека државите не сториле повреда на меѓународното право кога со закон ги ограничиле или намалиле платите на судиите доколку тоа не било сторено селективно, дискриминирачки и било во согласност со економските прилики на државите“, рече таа.

Во врска со Заклучокот на Уставниот суд кој беше донесен по основ информациите за престанок на функцијата на судија, таа кажала дека во него е јасно и недвосмислено искажан нејзиниот, како и ставот по ова прашање на сите судии на Судот.

„Јавноста беше информирана за нашиот Заклучок преку тематски одржана прес конференција со што јасно им укажавме на институциите кој какви надлежности има согласно Уставот. Она што остана неразјаснето и недоречено е целта заради која Судскиот совет упати ваков допис до Собранието. Што се однесува до ставовите на експертската јавност, како од академската заедница, така и од невладиниот сектор, тие целосно кореспондираа со наводите во Заклучокот на Уставниот суд”, изјави проф. Д-р Данева.